Триесет и двајца поети од 30 земји, меѓу кои Франција, Италија, Кина, Мексико, Израел, Австралија, Хрватска, Бугарија, ќе учествуваат на 55. Струшки вечери на поезијата што од 24 до 28 август ќе се одржат во Струга, а поетски читања ќе има и во Битола, Ресен, Охрид. Фестивалската програма завршува на 29ти август со поетско Матине на Матка и Меѓународен поетски митинг на Камениот мост во Скопје.
Педесет и петтото фестивалско издание донесува радикални програмски измени, кои ќе овозможат посеопфатна презентација на поетското творештво. Секое попладне ќе се пие „Поетско кафе“ во книжевни разговори, дебати и поетско читање.
Годинашен лауреат на наградата „Златен венец“ е канадската поетеса, книжевна критичарка, романсиерка, есеистка Маргарет Етвуд.