Солунскиот градоначалник Јанис Бутарис денеска ќе одржи говор на Школата за млади лидери на претседателот Ѓорге Иванов во Охрид.
Предвидено е тој да има и посебна средба со Иванов, како и да присуствува на свечената вечера што ја организира македонскиот претседател.
Солунскиот градоначалник под своја палка има една од најуспешните грчки винарници, како и резерватот за мечки и за диви животни „Арктурос“, во кој е сместено и закрепнува и македонското мече Ушко, кое беше најдено повредено кај Тетово.
Солунскиот градоначалник, покрај иницијативата на грчката влада, во комуникација со Иванов, самостојно понуди помош за жртвите од катастрофалните поплави во Скопје. По Бутарис, во Македонија утре ќе пристигне и шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас, кој ќе има тет-а-тет средба со министерот за надворешни работи, Никола Попоски, и ќе се обрати пред македонските дипломати на работниот состанок на Амбасадорскиот совет на дипломатско-конзуларните претставништва во Македонија.
Извор: meta.mk