Градба на нови рудници, рестартирање е дел од сликата која дава за право да се кажа дека следува бум во рударството во Македонија.
Имено, компанијата „Сардич MЦ“, по двегодишни истражувања вчера започна со изградба на својот рударски комплекс во Казандол, Валандово. Како што велат оттаму ова е првпат по 40 години во Македонија да се гради рудник. Инвестицијата е вредна 35 милиони евра, а во првите седум години се очекуваат приходи од близу 135 милиони евра.
„Имав можност и задоволство лично овој прокт да го започнам во 2013 година кога за прв пат се сретнав со сопственикот на овој рудник. Тој покажа интерес за неколку концесии и Владата му овозможи преку транспарентна постапка да се пријави на конкурс и да конкурира и да ги купи овие концесии. На трите концесии тој поднесе понуда и победи. Во рудникот ќе се вложат 35 милиони евра, тој е за бакар и ќе директкно ќе се вработат 100 луѓе, а индиректно уште толку. Ова е значајно затоа што одреден број невработени луѓе во оваа општина ќе најдат вработување,“ посочи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.
Истовремено првиот човек на Сардич, Владимир Скубенко најави инвестиција од 350 милиони евра во рудникот во Старо Нагоричане како и уште една инвестиција во близина на рудникот кој вчера започна да се гради.
„Планираме да инвестираме во друг локалитет каде се планира 10 пати поголема инвестиција околу 350 милиони евра. Паралелно ќе изградиме фабрика за производство на бакарни производи. Ќе има можност за добивање на бакарни резерви. Многу сум и благодарен на Владата на Република Македонија дека ни дава можност за многу краток рок да завршиме со геолошко истражување и започнување на изградба на комплексот и за една година да почнеме со производство на конечниот продукт. Добра е политиката на отворени врати за инвестиции, доста инвеститори доаѓаат во Македонија и мислам дека е ова многу добар пример за други инвеститори кои доаѓаат во Македонија. Имам доста пријатели кои доаѓаат со мене тука заедно и имаат намера да отворат свои бизниси во Македонија и ова како пилот проект за да започнат и тие свој бизнис во Македонија,“ рече Скубенко.
Истовремено, веќе подолг период се реализира проектот за експлоатација на бакар и злато во месноста Иловица во општините Босилово и Ново Село. „Еуромакс ресоурсес“, компанија што работи на реализација на овој проект котира на берзата во Торонто, Канада.
Станува збор за една од најголемите гринфилд-инвестиции во Македонија со која се предвидени вложувања од околу 500 милиони долари, како и директно вработување на над 400 лица. Според анализите, со отворањето и работата на рудникот вредноста на извозот од Република Македонија ќе се зголеми за 300 милиони евра на годишно ниво. „Еуромакс ресоурсес“, компанијата што го реализира овој проект неодамна за сите заинтересирани граѓани и организации отвори информативен центар лоциран во селото Иловица каде што можат од стручни лица да добијат соодветни одговори на нивните прашања.
Исто така најавено е и рестарт на рудникот во Пробиштип до крајот на неделата, Тораница ќе почне со работа идниот месец со што практично од безна ќе бидат извадени двата рудници кои поради финансиски долгови на претходните газди беа однесени во стечај. Платени се сите заостанати плати и започнат е процесот на враќање на работниците.
„Рудниците во Пробиштип и во Крива Паланка, Тораница беа доведени во многу лоша ситуација заради финансиските проблеми кои ги имаше претходниот инвеститор. На некој начин ги извлековме од кал, но за многу краток период се заврши стечајот. Се најде нов многу силе, способен, искусен и докажан концесионер, бугарката компанија „Минстрој“, кој веќе овие денови, ќе го рестартира рудникот во Пробиштип. Ангажирани се веќе околу 160 работници, бројката ќе расте, а за околу месец и половина ќе го рестартира рудникот во Крива Паланка. Двата рудника ќе бидат рестартирани, ќе се оди до најмалку 400 вработувања, целта е да се вратат сите рудари на своите работни места. Новиот инвеститор тоа го вети, дека сите оние луѓе кои ги изгубија работните места ќе ги врати назад, а дури и оние што заминале во Србија, Црна Гора каде бараат рудари ќе се обиде да ги врати назад со добра понуда на плати и финансиски услови кои ќе им ги понуди“, истакна Груевски.