Отворена нова детска градинка во Радишани со капацитет за згрижување на 120 деца

Нова градинка со капацитет за згрижување на 120 дечиња, денес беше отворена во населбата Радишани, општина Бутел.

Градинката се простира на површина од 500 метри квадратни, со 5 занимални и посебна медицинска соба за згрижување на болните дечиња.

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов истакна дека со овој нов капацитет нема повеќе да има листи на чекање за упис на дечиња во градинка од оваа населба.

Тој посочи дека изградбата на градинката е започната пред помалку од една година и во неа се инвестирани 10 милиони денари од страна на општина Бутел, а со средства од МТСП градинката беше целосно опремена.

Ова е 7-ма градинка по ред што се отвора оваа година. Очекуваме оваа година да ја завршиме со вкупно 15 новоотворени градинки, рече Спасов.

Тој потенцира дека од 2009-та година до денес се отворени 50 детски градинки.

Градоначалникот на општина Бутел, Петре Латиновски, информираше дека во моментов се врши целосна реконструкција на објект во Бутел 2 кој ќе биде пренаменет за детска градинка која ќе згрижува дечиња од ова населено место.