Груевски на состанок со министри и градоначалници

Меѓу народот сме препознаени како политичка гарнитура која стои зад дадениот збор, политичари кои ги остваруваат дадените ветувања и работат на исполнување на барањата и потребите на граѓаните. Ние го испорачуваме ветеното и тоа е голема одговорност.

Вака лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, го отвори денешниот состанок со владини министри, заменици министри и градоначалници на кој беше направен преглед на ветувањата дадени при теренските посети и на нивната реализација.

По средбите со граѓаните, веднаш се пристапува на решавање на проблемите и исполнување на барањата. Дел од нив веќе се спроведени и завршени, а други во длабока фаза на реализација.

При посетата на градот Охрид, граѓаните пред Груевски истакнаа две барања од село Коњско. Тоа е осветлување на влезовите од селото кое е веќе завршено, а иако граѓаните побараа асфалтирање на две улички, ќе бидат целосно обновени три во вкупна вредност од 2,3 милиони денари. Готови ќе бидат до крајот на годинава.

Министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски информираше дека се работи на патот Гостивар-Кичево каде пред се ќе се прави рехабилитација на коловозот. Истовремено се бара и концесионерот за градба на нов автопат. Инвестицијата тежи 6 милиони, а постапката се очекува да започне следниот месец. Веќе е потпишан договор и месецов почнува градба на Неготино-Демир Капија. Градбата на патот долг 8 километри во два правци ќе трае една година, а сообраќајот ќе се одвива со привремен режим. Ќе се градат и патиштата кај Пештани и Требениште, на барање на граѓаните.

По посетата на Груевски, се решава и проблемот со водоснабдувањето во Велгошти. Во летниот период, рекоа граѓаните, се намалува притисокот на вода поради наводнувањето. Градоначалникот на Охрид на денешниот состанок информира дека се сработил проект и дека ќе биде поставена пумпна станица која ќе го реши овој проблем. Изведбата почнува во октомври и е вредна 1,5 милиони денари.

Исполнети се барањата на жителите на Радожда. Веднаш по средбата со граѓаните, информираше министерот Мисајловски, беше саниран патот, а се зафати со работа и во делот Струга-Калишта. На големо задоволство на децата и родителите, ќе биде исполнето барањето за реконструкција на училиштето.

Заменик министерот Спиро Ристовски информираше дека направен е веднаш увид и е одлучено да се направи темелна реконструкција. Истата ќе биде реализирана следново лето, додека дечињата се на распуст.

Во Радожда се спроведува изградба на колекторскиот систем вреден 8-10 милиони евра, а е завршено асфалтирањето на патот Ливадишта-Елен Камен.

Се остварува ветеното и за жителите на Македонски Брод. Патот преку Јасен ќе значи исполнување на долгогодишен проблем. Патот ќе биде долг 14.5 километри, а неговата вредност е 3 милиони евра.

Нема повеќе страв кај жителите на Шипковица од следно невреме. Исполнето е нивното барање и карпите се минирани и отстранети. Повеќе нема опасности од одрони иако Мисајловски потенцира дека редовно ќе се врши и контрола. Ќе се гради и клучка за Брвеница, а за исполнување на ова ветување се издвоени 60 милиони денари.

Во Струга ќе се гради единечен тениски терен на женска плажа како и повеќенаменско игралиште за одбојка, ракомет и мал фудбал. Во Зубовце започна изградба на повеќенаменско игралиште кое ќе биде готово за два месеци, а во Циглана е веќе избран изведувач и игралиште ќе почне да се гради наскоро.

Се работи на изградба на водоводот во Долнени, инвестиција вредна 8 милиони.

Жителите на Бучим побараа нова градинка или дневен центар. Денес министерот Диме Спасов на состанокот информираше дека со пари на општината ќе се реновира во целост, а МТСП ќе го финансира опремувањето на оваа градинка која ќе ги згрижи дечињата.

1,8 милиони евра беа вложени за градбата на делницата на патот Гостивар-Тетово, Брвеница-Чегране.

sostanok-proekti-640x256 (1)