Македонија домаќин на светско воено првенство во борење

„Република Македонија е домаќин на 31. светско воено првенство во борење на кое учество земаат над 400 спортисти од 32 земји од 4 континенти. Ова е најголемиот спортски настан годинава и ние сме целосно подготвени. Очекуваме врвни резултати како од учесниците од земјите, така и од претставниците на Република Македонија“, истакна државниот секретар во Министерството за одбрана, Елизабета Чуповска Ристова, која е и претседател на Организациониот одбор на првенството, на денешната прес-конференција во ВИП Арената „СЦ Борис Трајковски“, посветена на овој голем спортски настан.

Чуповска – Ристова рече дека реализацијата и организацијата на Светското воено првенство во борење е доказ дека МО и АРМ се посветени во развојот и негувањето на спортот на припадниците на АРМ. Таа додаде дека Македонија има голема традиција во овој спорт и затоа сме задоволни што ни се укажа можноста да бидеме домаќини на ова светско натпреварување. Заменик-началникот на ГШ на АРМ, генерал-мајор Мухамет Рацај додаде дека спортските активности се од голема важност за одржување на здравјето и подобрување на индивидуалната физичка подготвеност и издржливост во армиите. „Овие натпревари се и прилика за стекнување на нови пријателства, како и продлабочување на меѓусебното почитување и соработка“, додаде генералот Рацај.

31-svetsko-voeno-prvenstvo-vo-borenje-makedonija1

Во однос на деталите за првенството, техничкиот директор на Светското првенство, Трајче Димков, информираше дека иако станува збор за воено првенство, важат сите правила и прописи на Светската борачка федерација. Тој додаде дека натпреварите ќе се одржат во Вип Арената и Вип мала сала кои се наоѓаат во комплексот на Спортскиот центар „Борис Трајковски“ и дека на првенството ќе бидат застапени два стила: слободен и грчко-римски.

За квалитетот на военото првенство говори и фактот дека 19 натпреварувачи биле дел и од олимписките игри во Рио, годинава, а неколкумина се и носители на златни медали од олимписките игри и светските првенства. Република Македонија ќе биде претставена од 18 припадници на Армијата, а дополнително од земјата учество ќе земат и 3 судии и 2 тренери.

Министерството ги повикува сите љубители на спортот да го посетат Светското воено првенство во борење кое ќе се одржува во периодот од 21-25 септември во нашиот најголем спортски центар, ВИП Арената „Борис Трајковски“. Влезот за следењето на натпреварите е слободен.

raspored-na-natprevari