Светите Седумдесетмина маченици
На чело со Урван, Теодор и Медимнон беа избрани од цариградските христијани во времето на Валентовото гонење на православните, како најблагочестиви и најугледни граѓани на престолнината да појдат во Никомидија за да го молат царот еретик (аријанец) барем животите на православните христијани да им ги поштеди. Царот се разјари и им рече да се вратат, а тајно им нареди на корабџиите кога ќе испловат со коработ на море да го запалат, а самите да се спасат скришно и да се вратат во чамец. Злите слуги на злобниот господар направија така. Телата на овие храбри Седумдесетмина беа изгорени и потопени во морето, а нивните души испливаа во пристаништето на вечното блаженство.
Светите маченици Јувентин и Максимин
Житието на овие двајца свети луѓе е малку познато, но нивното страдање за Христа е познато од беседата на Свети Јован Златоуст во нивна пофалба. Тие беа војници во времето на царот Јулијан Отстапник. На еден војнички пир во разговор со другите тие го осудија царот заради гонењето на христијаните. Некој му го јави тоа на царот и царот ги фрли во затвор. Некои од луѓето на царот ги посетија со намера да ги одвратат од вистинската вера, велејќи им дека многу од нивните другари се откажале од Христа. На тоа тие витешки одговорија: „За тоа токму ние мораме да стоиме храбро и да се принесеме себеси на жртва заради нивното отстапништво.“ Убиени се ноќе со меч. Но потоа се пронајдени нивните мошти, а од нив се пројави чудотворна сила.