Војниците се први на браникот на својата земја, тие се први во меѓународните мировни мисии, но тие се први и во градењето на како што велат, ’пријателства по оружје’ и ’пријателства по спортот’. Вашите трајни и силни пријателства се од голема важност за извршување на воени задачи за помирен и подобар свет“, истакна министерот за одбрана, Зоран Јолевски, на отворањето на 31. Светско воено првенство во борење кое се одржува од вчера до 24 септември во ВИП арената „Спортски центар Борис Трајковски“.
Република Македонија има долга традиција во борењето и затоа сме среќни што ни се укажа можноста да бидеме домаќини на ова големо воено спортско натпреварување, додаде министерот Јолевски. Тој им порача на сите натпреварувачи да дадат сè од себе, да ги бранат боите на земјите од кои доаѓаат и дома да се ватат со медалји и незаборавни спомени.
Претседателот на Владата на Република Македонија, Емил Димитрев, пак, порача дека одржувањето и подобрувањето на индивидуалната физичка подготвеност на армиските припадници претставува исклучително важен сегмент во функционирањето на секоја армија. „Огромен е бројот на армиски припадници кои покрај одличните резултати во армијата на својата држава се и врвни спортисти – репрезентативци на своите држави, носители на бројни медали од олимписки игри и светски првенства“, додаде премиерот Димитриев.
Тој се осврна на овогодинешното одбележување на 55 години борење во Македонија, 40 години од одржувањето на реномираниот боречки турнир „Македонски бисер“ и на 20 години од светската титула на боречкиот клуб „Бучим“. Додаде дека Македонија изминатите години вложува значајни напори во развој на спортот преку инвестиции во спортската инфраструктура во вредност од 100 милиони евра.
Исклучителниот капацитет на борачите во Армијата на Република Македонија се докажа и на првите натпревари на кои Маја Дејкоска од тимот на Армијата на Република Македонија сен закити со бронзениот медал, односно 3. Место во борење во слободен стил во категорија до 58 килограми.
Сите љубители на спортот и борењето можат бесплатно да ги следат натпреварите од 31. Светско воено првенство во борење до сабота, 24. Септември во ВИП арената „Спортски центар Борис Трајковски“.