Од денеска до 17 октомври трае конкурсот за доделување 670 стипендии за средношколци Роми, кои се доделуваат осма година со цел да се интегрираат учениците од оваа етничка заедница во образовниот систем.
Покрај за стипендии, денеска е објавен и оглас за ангажирање 130 ментори – професори од средните училишта кои ќе им помагаат на стипендистите. Двата конкурса се дел од програма што ја реализираат Министерството за образование и наука и Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците во Република Македонија.
Новиот конкурс го соопшти заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски при посетата на средното државно училиште „Шаип Јусуф“ во Шуто Оризари кое беше отворено минатата учебна година.
Досега се доделени 4000 вакви стипендии и имаме околу 900 Роми ментори кои се дел од програмата. Апелирам до сите заинтересирани ученици да аплицираат за остварување на правото на стипендија која ќе трае во период од девет месеци, истакна Ристовски.
Стипендиите се во пет категории од кои зависи и нивниот износ од 600 до 2.200 денари месечно. Учениците со највисок просек ќе добиваат и највисока сума.
Директорот на Управата Реџеп Али Чупи посочи на позитивните резултати од стипендирањето на Ромите, според кои 579 од 582 кои лани биле поддржани со стипендија успешно ја завршиле годината, а само тројца се откажале од воспитно-образовниот процес.
Вкупниот просек на овие 582 стипендисти на почетокот на 2015/2016 беше 3,40, а на крајот на учебната година е зголемен на 3,74, што говори дека мерката менторство и туторство што ја имаме како дополнителна активност дава резултати, не само во опфатот и мотивирањето на средношколците Роми успешно и навремено да го завршуваат своето образование, туку и да постигнуваат резултати на завидно ниво, рече Чупи.
Според податоците на Управата, минатата година тригодишно средно образование завршиле 35 ученици, а четиригодишно 121 средношколец – од кои 41 матурант или 34 проценти продолжиле со високо образование и се запишале на факултет.
Поради одличните резултати на овој проект, посочи Чупи, МОН оваа година со измените и дополнувањата на Законот за ученички стандард го внесе доделувањето стипендии за средношколците Роми. Со тоа, како што рече, од проект тој прераснал во јавна политика целосно финансирана од буџетот на МОН, иако долгогодишниот партнер – Ромскиот образовен проект е се уште дел од оваа иницијатива – во делот на менторството како дополнителна поддршка.
Во оваа пригода заменик-министерот Ристовски искажа задоволство од зголемениот број на ученици запишани во средното училиште во Шуто Оризари. Тој е речиси трипати зголемен од лани кога училиштето почна да работи, односно 80-ина во 2015/2016 и околу 200 ученици запишани во учебната 2016/2017 година.
Овие бројки ја потврдуваат одлуката на Владата и Министерството за образование и наука да се отвори ова училиште. Верувам дека во следните години уште повеќе ќе се зголемува бројот на ученици кои ќе бидат дел од ова државно средно училиште, затоа што нашата основна цел беше да го доближиме образованието не само преку набавка на книги, туку и преку обезбедување соодветни услови за настава. За изградбата на овој капитален објект Министерството издвои 1,5 милиони евра, истакна Ристовски.