Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска присуствуваше на научно- стручната дебата „Функционирање на безбедносниот систем на Република Македонија во кризна и сложена безбедносна состојба-менаџирање и справување со кризи“, во Дипломатик салата на Скопски саем. Во продолжение интегрално го објавуваме обраќањето на министерот Спасовски.
„Најнапред би сакал да се заблагодарам за поканата и за можноста, денеска, да се обратам на овој научен собир од областа на безбедноста. Науката е мотор на практиката, стожер без чии што визии и идеи е невозможен каков било прогрес. Безбедносната сфера, пак, по својата општествена, цивилизациска, па ако сакате и техничка интерактивност, претставува посебен научен предизвик. Имено, специфичноста и неспорната динамичност на овој сегмент кои се тесно поврзани со севкупноста на брзиот општествен развој произведуваат нови и нови прашања и дилеми. Не само од апсект на проценка и превенција на безбедносните ризици, туку и од аспект на организационото и нормативно устројство, техничката и едукативна поставеност, соработката и координацијата, како институционална, така и регионална и глобална, во спротивставувањето на истите.
Точно е дека според својата “мотивираност“, безбедносните закани горе-долу се “стари“, ама нивните манифестации и можни реперкусии се менуваат од декада во декада. Сведоци сме, особено последниве години, дека ама баш никој, независно колку е богат и моќен не може да биде целосно заштитен, особено од два вида закани – тероризмот и елементарните природни непогоди. Но, од друга страна, тоа во никој случај не ни дава за право да ги намалиме нашите напори за што поуспешно, поефикасно и пофункционално спротивставување и одговор кон безбедносните предизвици. Особено што денес во оваа ера на глобализација и самите безбедносни феномени и проблеми, без оглед дали се генерирани од “човечкиот фактор“ или од природата, ја имаат тенденцијата на прелевање.
Кога веќе го споменав “човечкиот фактор“, би сакал да го потенцирам следново: да не се залажуваме, – денес не постои дел или делови од општеството кои не се предмет на закана. Токму таа премиса треба да биде основен постулат во градењето и надградбата на безбедносниот систем. Државата мора да биде заштитена. Се разбира не од граѓаните, туку во интерес на граѓаните кои се смисолот за постоење на државата.
Република Македонија, со својата местоположба, како и со јасно декларираните национални приоритети – целосна интеграција во евроатлантските структури – ниту била ниту ќе биде заобиколена од разните форми и видови безбедносни ризици. Впрочем, колку за илустрација, токму на денешниот ден пред 21 година бевме сведоци на еден од најгрозоморните терористички облици на делување – атентат врз претседателот на државата г. Киро Глигоров. Минатата година пак, мигранскиот бран, чие што жариште – Блискиот исток – ни малку не дава надеж за скорешно гаснење, како и августовската трагедија во која природата за еден миг одзеде триесетина наши сограѓани, многу сериозно предупредуваат дека немаме право на опуштање или на потпирање на некакви други фактори или видови на помош. Помошта можеби и ќе дојде, но најважно е времето пред нејзиното доаѓање: да се процени, да се предупреди, да се дејствува.
Ние, според моето длабоко убедување, всушност мора да се фокусираме кон натамошна изградба на флексибилен, ефикасен, технички модернизиран концепт на безбедност на институционално ниво, способен првенствено за валидно евидентирање, анализа и проценување на заканите, како и на мултиинституционален систем за соодветен одговор кон истите. Притоа треба да се почитуваат автохтоните карактеристики и националните приоритети, но и нужноста за стандардизирање на сите сегменти од безбедносната сфера согласно со оние на нашите евро-атлантски партнери, Можеби забележувате дека сето ова го говорам како задача што стои пред нас. Да, точно, а изминативе години доволно ислустративно го потврдуваат тоа.
Дозволете ми на крајот уште еднаш да потенцирам дека токму науката треба да биде таа која што ќе понуди поинакви погледи, идеи, решенија.
Секоја одлука која не е базирана врз стручното, експертското, секоја идеа или концепт кои не потекнуваат од стручно подготвените, експертите во својот домен, по правило се лоши одлуки, времето тоа секогаш го докажува заедно со цената што притоа се испорачува.
Верувам дека и оваа ваша денешна средба и дебати ќе презентираат нови видувања за многу прашања од безбедносната сфера, провоцирајќи од институциите соодветен интерес и внимание. Ви посакувам успешна работа.“- истакна Спасовски.