Големата сала и фоајето на Македонската опера и балет се целосно реконструирани. По повод отворањето на реновираната сала на 12 октомври ќе се одржи гала концерт на кој ќе настапи целиот капацитет на МОБ.
Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска денеска ја посети Македонската опера и балет по што изјави дека промовираат еден исклучително значаен проект за целосна реконструкција на големата сала на МОБ, кој ветиле дека ќе се реализира.
Истакна дека таа инвестиција е од огромно значење и од буџетот на Министерството за овој капитален проект се издвоени 62 милиони денари. Проектот, посочи министерката, опфаќаше занаетчиско-градежни работи на големата сала, на фоајето, промена на нивното осветлување, промена на сите седишта во големата сала, како и подот под нив.
„Оваа инвестиција е од огромно значење пред се за вработените, уметниците во МОБ и за сите љубители на програмските содржини на МОБ, на уметноста која ја нудат, пред се за граѓаните кои ќе имаат можност да присуствуваат на сите овие настани во една прекрасна сала со променети седишта. Сега салата има 710 столчиња, чиј број е намален со цел тие да бидат покомотни и да има растојание меѓу сите редови“, рече Канческа Милевска.
„Нагласи дека се набавени 275 дисплеја кои се поставени на седиштата со цел да се следи преводот на претставите. – Ќе може да се следи превод на пет странски јазици. Во централнот дел на сцената ќе има голем дисплеј каде и останатата публика во погорните редови ќе може да го следи преводот на сите претстави кои ќе се реализираат во МОБ“, рече Канческа Милевска.
Изрази благодарност до фирмата која работела на тој проект бидејќи, како што рече, за многу краток период од јуни до крајот на септември ја завршиле реконструкцијата и обновата на големата сала во МОБ. Канческа Милевска се заблагодари на сите вработени во МОБ за нивната посветеност со цел навреме да биде завршена реконструкцијата на салата и да се стави во функција на граѓаните и уметниците.
„На 12 октомври во МОБ по повод отворањето на реконструираната голема сала ќе се одржи гала концерт на кој ќе настапи целиот капацитет на МОБ, сите ансамбли кои ги поседува нашата национална институција со солисти, детски хор, оркестарот, балетот. Ќе бидат изведена познати дела. Се надевам за љубителите на уметноста овој концерт ќе биде посебно доживување“, рече Канческа Милевска.
Посочи дека досега кога станува збор за инвестиции во МОБ, претходно бил завршен системот за греење и ладење во рамки на проект за кој биле издвоени 15 милиони денари.
„Имаше и голем број други инвестиции во делот на сценската технологија и техника и механика на салата. Во наредниот период се што е неопходно и во друга насока, ние како Министерство за култура како и досега ќе даваме силна поддршка бидејќи МОБ е една од најголемите и најзначајните институции“, додаде Канческа Милевска.
Директорот на МОБ, Игор Дурловски рече дека станува збор за одличен избор на столчиња и монитори кои не можат да се сретнат во многу европски односно светски театри.
„Моментално во Европа и пошироко има само пет до шест театри кои ги имаат овие технички услови за следење на претставите, а тоа се: Виенската опера, Операта во Тел Авив, Салцбуршкиот фестивал и уште неколку театри кои ја имаат таа техника. Јас сум горд што сум дел од еден театар кој нуди услови на публиката како што нудат најголемите театри во светот“, истакна Дурловски.
Потенцира дека гала концертот ќе се одржи на 12 и на 13 октомври. Првиот концерт, истакна, на 12 октомври веќе е распродаден, а остануваат дел од билетите за 13 октомври. Тој го најави и Детското хорче кое првпат ќе настапи на еден сериозен концерт.
Тоа е наш проект кој пред неколку месеци го остваривме, го оформивме пред седум осум месеци. Веќе се подготвени дечињата да настапуваат и на голема сцена, а исто така ќе ги користиме во дел од претставите. Ќе бидат околу 250 лица на сцената, додаде Дурловски.