Вчера, на сцената на Центарот за култура „Григор Прличев“ младите волонтери на Црвен крст Охрид на оригинален и креативен начин ја пренесоа Приказната за една идеја. Идеја востановена од Анри Динан, која повеќе од 150 години претставува патоказ на милиони волонтери низ целиот свет и темел на најголемото хуманитарно движење, Црвениот крст.
Бројната публика со силен аплауз ги поздравуваше актерските вештини на талентираните младинци на Црвен крст Охрид кои под водство на ПХВ инструкторите Весна Терзиоска и Јованка Сион Доленц, за само 10 дена успеаја да ја подготват и успешно изведат театарската претстава „ПРИКАЗНА ЗА ЕДНА ИДЕЈА“, во рамки на одбележување на Неделата на ПХВ (промоција на хумани вредности).
„Во ова време на невреме, длабоко да се замислиме и широко да ја прифатиме силната порака за хуманост, независност,непристрасност, неутралност, доброволност, универзалност и единство што ја испракаат токму младите.“ – велат од Црвен крст Охрид.