Министерството за здравство почна постапка за набавка на дополнителни три мамографи во вредност од околу 20 милиони денари, по еден за потребите на Клиничката болница во Битола, Општата болница во Куманово и Здравствен дом Крива Паланка, изјави министерот за здравство Никола Тодоров.
„Мамографите се есенцијални и најзначајна дијагностичка процедура без која е незамислива борбата против ова широкораспространето малигно заболување кај женската популација. Очекувам со набавката на дополнителни три мамографи да се заокружи овој процес и сериозно да се подигне нивото на квалитет на дијагностичките процедури кои се важни за раното детектирање“, рече Тодоров.
Посочи дека во Здравствен дом Крива Паланка досега немало мамограф и ова е прв што се набавува и ќе биде ставен во функција на пациентките од Крива Паланка и целиот тој регион, каде над 250 пациентки годишно беа приморани да го прават ова испитување надвор од местото на живеење.
„Карциномот на дојка е најчесто малигно заболување кај женската популација, знаејќи го овој факт Министерството донесе одлука да инвестира 100 милиони денари во набавка на нови мамографи и во изминатиот период се реализираше набавка на 11 нови мамографи во вредност од 80 милиони денари“, рече Тодоров.
Посочи дека овие 11 мамографи се веќе ставени во функција и на нив досега се извршени над 5.000 прегледи, и тоа во Поликлиника Букурешт, Гевгелија, Кавадарци, Радовиш, Македонска Каменица, Охрид, Велес, Прилеп, Кочани и Штип.
„Станува збор за најсовремени мамографи кои содржат компјутерски помогната детекција, што сериозно ја олеснува дијагностиката и се намалува можноста за докторска грешка. Ова многу помогна за одлично функционирање на скринингот на рак на дојка и досега се направени 14.500 прегледи, од кои кај 18,5 проценти се детектирани определени промени и упатени на натамошни испитувања“, рече Тодоров.
Скринингот на рак на дојка, продолжи тој, се однесува на жени над 50 годишна возраст и веќе се упатени повеќе од 59 илјади покани до жени од оваа категорија.