На секој петти работник во Јапонија му се заканува смрт од прекувремена работа

На една петтина од работниците во Јапонија им се заканува смрт од премногу работа, покажува најновата владина студија посветена на работните навики во таа земја.

Секоја година во Јапонија се регистрираат повеќе од стотина смртни случаи поврзани со премногу работа, а луѓето умираат од мозочни и од срцеви удари, но извршуваат и самоубиства, пренесуваат светските агенции.

Покрај смртните случаи, работниците се загрозени и од сериозни здравствени проблеми. Тој тренд ја поттикна јапонската влада да се позанимава со решавање на тој проблем.

Најновата студија која е дел од првата „Бела книга“ на јапонската влада на оваа тема, кабинетот на премиерот Шинзо Абе ја објави во петокот.

Студијата покажала дека 22,7 проценти од јапонските компании навеле дека некои од нивните вработени месечно пријавуваат и повеќе од 80 часови прекувремена работа, што се смета за граница над која постои опасност од смрт предизвикана од прекумерна работа.

Извор: meta.mk