Денеска во Центарот за обука во Идризово на пригодната свеченост беа промовирани 654 кандидати за полициски службеници кои успешно ја завршија едногодишната обука поделена во три образовни модули – сообраќај, јавен ред и мир и гранични работи. Министерот Оливер Спасовски им честита за постигнатиот успех во текот на напорната обука, која се завршува со нивно официјално влегување во системот на Министерството за внатрешни работи и им посака успех во натамошната кариера.
„Вие денеска отворате едно ново поглавје во вашите животи. Какво ќе биде и што во него ќе “испишете“- во голема мера ќе зависи од вас, од вашата посветеност и амбиција. И пред се – од вашата стручност и одговорност. Притоа, тргнувајќи од фундаменталниот принцип на професијата што од денес ви станува животен повик: легализмот или владеењето на правото. Принцип, без чие што целосно почитување не е можно “да се служат и да се заштитуват“ граѓаните, оние заради кои воопшто и постојат институциите, вклучително и полицијата“ рече министерот Спасовски.
Почитувањето на овие принципи, според министерот Спасовски, е особено важно во вакви времиња кога состојбите се сложени, а предизвиците разновидни.
„Едно неодамнешно истражување на иницијативата за “Лидерството за развој и интегритет на Југоисточна Европа посветено на проблематиката на корупцијата за 2016 година, во делот за Македонија, публикуван од Македонскиот центар за меѓународна соработка, покажува дека во однос на перцепцијата на нашите граѓани за распространетоста на корупцијата во институциите, само девет проценти од анкетираните граѓани имаат “целосна доверба“ во МВР наспроти 29 проценти кои имаат “целосна недоверба“, додека пак остатокот од по 30 проценти анкетирани граѓани имаат само “делумна доверба или делумна недоверба“ во полицијата. Од друга страна пак, дури 63 проценти од нашите граѓани се уверени дека “корупцијата не може значително да се намали“. Никакви ефтини пропаганди, никакви манипулации со реалноста не можат овие показатели да ги засенат или поинаку толкуваат, освен како сериозна институционална компромитираност на институција клучна во системот за спроведување на законите во Република Македонија. Ова го посочувам со само една единствена цел – да ви илустрирам дел од предизвиците пред кои што ќе бидете соочени, а чие што разрешување во многу ќе зависи токму од вашата совесност и професионалност – да бидете бескомпромисни чувари на редот и законите. Но и чувари на професионалната чест и достоинство, како лична, така и на институцијата што ја претставувате. Тоа почитувани идни полициски службеници се вика – интегритет. Интегритетот, пак, не се гради со подмитливост или поткупливост, со лицемерие, со непочитување на законите или со селективната правда, со злоупотребата на должностите и службените овластувања, со низата такви и слични “стандарди“ и “вредности“ кои со години наназад ја донесоа Македонија на ова дереџе до кое стигнавме денес, така речи на работ на амбисот. Сето тоа не смее да биде пример за професионален успех или просперитетен живот, не повеќе. Интегритетот, почитувани, доаѓа само преку непоколебливото, просто безусловно исполнување на нормираните должности и етички вредности. Бидете убедени дека сите граѓани на оваа држава токму тоа го очекуваат од вас, од сите нас“, рече министерот Спасовски.