Јолевски – Стропницки: Со заедничка соработка до побезбеден регион и побезбедна Европа

За време на вториот ден од официјалната посета на Република Македонија, чешкиот министер за одбрана, Мартин Стропницки, заедно со министерот Зоран Јолевски ја посетија јужната граница и транзитниот центар, при што остварија средба со чешките и македонските полицајци и припадниците на Армијата на Република Македонија.

Министерот Јолевски за медиумите изјави дека Армијата има развиено планови и целосно е подготвена за сите можни сценарија во случај на зголемување на бројот на мигранти на нашата јужна граница.

„Како сериозна држава ние мораме да бидеме подготвени за секое можно сценарио и во моментов никој не може да каже како понатаму ќе се развива и тече бегалската кризa“ – истакна Јолевски.

Чешкиот министер за одбрана Мартин Стропницки е согласен дека заедничката соработка на ова поле треба да продолжи и да се продлабочува во иднина.

„Тука сум затоа што сметам дека и ние треба да и помогнеме на Македонија со потребни материјални средства и човечки ресурси.Не е коректно ниту пак праведно Македонија да биде оставена сама во оваа тешка состојба во која се најде од другите членови,“ истакна Стропницки.

За време на денешната посета на јужната граница, двата министри беа информирани од страна на АРМ за актуелната состојба на јужната граница и на регионот и мерките кои се преземаат за зајакнување на безбедноста, справување со мигрантската криза и спречување на илегални преминувања низ територијата на Република Македонија и упатување кон Европа

Утринава двајцата министри го посетија Центарот за обука на пилоти, каде чешкиот министер имаше можност да се запознае со капацитетите на Центарот и неговата иднина како дел од воздухопловната академија која ќе биде во рамки на новиот Универзитет Дамјан Груев.

dsc_1238_resize