Уште две банки, Комерцијална и Стопанска – Битола, како и две штедилници, Флум и Можности, се приклучија кон Гарантниот фонд за кредититирање во земјоделството.
Како што беше речено денеска на прес-конференција во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), за полесно одобрување на кредитите, штедилниците и банките, вклучувајќи ја и Прокредит која од почетокот работи со Гарантниот фонд, го потпишаа Кредитниот гарантен договор зад кој стојат МЗШВ и УСАИД.
Преку Фондот кој почна да функционира кон крајот на 2015-та, во наредните десет години се очекува да бидат реализирани 26 милиони евра – за модернизација на земјоделското производство, подигнување нови насади, оранжерии, фарми, како и за набавка на механизација.
„Корисници на овој Фонд се земјоделците, бизнис операторите и корисниците на ИПАРД кои ќе побараат кредити за финансирање на инвестицијата од Комерцијална банка, Стопанска банка – Битола, Прокредит банка и штедилниците Флум и Можности. Потребно е да обезбедат 50 отсто од висината на бараната банкарска гаранција, додека останатите 50 проценти ќе бидат обезбедени од Фондот“, истакна министерот Михаил Цветков.
Гарантниот фонд, додаде, може да го користат и преработувачките капацитети за градење дистрибутивни центри за овошје и зеленчук, млекарници, кланици, винарии, конзервната, месната и мелничката индустрија.
Осврнувајќи се на досегашниот бенефит од функционирањето на Фондот, министерот посочи неколку позитивни искуства со Прокредит банка, меѓу кои одобрените кредити за земјоделска механизација и за ИПАРД инвестиции. Цветков посочи и на проектот за изградба на краварска фарма, вреден 400.000 евра, во кој инвеститорот Блерим Каба, обезбеди кредит од 200.000 евра, а преку Фондот му се гарантирани 50 отсто од хипотеката.
Според директорот на Мисијата на УСАИД во Македонија Џејмс Стајн, Кредитниот гарантен договор, како вид трипартитно партнерство, е поттик и одлична можност земјоделците и преработувачите да аплицираат за ИПАРД Програмата и поддршката во руралниот развој.
„УСАИД и Владата ќе го поделат ризикот со финансиските институции и ќе гарантираат 50 отсто од вредноста на можните кредити. Петте финансиски институции кои се дел од овој Договор и кои покриваат различни сегменти на пазарот, се обврзаа, од сопстевн капитал, значително да го зголемат бројот на кредити за земјоделците и агробизнисите“, напомена Стајн.
Сите заинтересирани за користење на Гарантниот фонд треба да се обратат директно до банките и штедилниците каде ќе се информираат за деталите околу подигањето кредити.