Спасовски: Ги подобруваме условите за работа на полицајците, потпишавме колективен договор

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и претседателот на Македонскиот полициски синдикат Тихомир Климовски денеска потпишаа измени на Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи со кои се подобруваат условите за работа на работниците со непрекинат престој во одредени издвоени објекти на МВР.

„Согласно постојното решение, работењето е организирано така што работното време е во траење од најмалку 12 часа редовна работа и 12 часа одмор на работникот во објектот, а за секои 24 часа непрекинат престој му следува еден слободен ден. Ваквата регулатива предизвика големо незадоволство кај работниците кои работат во овие објекти и до мене, како министер, стигнаа голем број на реакции и барања да се направат корекции. Со цел да излеземе во пресрет на овие барање, направивме анализа на постојното решение и барањата на работниците. По извршените анализи, утврдивме решенија за надминување на проблемите и тие се содржани во спогодбата за изменување и дополнување на Колективниот договор на МВР, која ја потпишавме денеска со репрезентативниот синдикат. Според новото решение, работењето е организирано така што работното време е во траење од најмалку 12 часа редовна работа и 12 часа платен одмор на работникот во објектот, а за секои 24 часа непрекинат престој му следува три слободни денови“, рече министерот Спасовски.

И претседателот на МПС Тихомир Климовски ги поздрави измените со кои се подобруваат условите за работа на вработените во МВР.

„Решението кое беше со последниот колективен договор предизвика незадоволство кај нашите колеги и на барање на нашето членство се пристапи кон измена на ова решение. Денеска сме сведоци на чинот на измена на колективниот договор“, рече Климовски.

https://www.facebook.com/o.spasovski/videos/670059326505027/