Минатава недела во хотел Монтана Палас во Крушево се реализира StartQube работилница на тема социјално претприемништво со учесници од 7 држави од Југоисточна Европа: Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија, Црна Гора и Бугарија. Програмата StartQube е составена од 14 работилници и многу неформални активности. Целта е да се поттикне претприемачкиот дух меѓу младите од регионот и да се стимулира регионална соработка на проекти за придонес кон заедницата и стартапи со општествен импакт.
Програмата е реализирана од страна на Стартап Зона, за потребите ха Американски совети за меѓународно образование преку заедничко финансирање од американските амбасади во Македонија, Бугарија и Косово. Учесниците на петдневната работилница се млади луѓе на возраст од 18 до 24 години, поранешни учесници (алумни) на програмите за младинска размена YES (Youth Exchange and Study) и FLEX (Future Leaders Exchange) имплементирани од Американски совети за меѓународно образование и поддржани од страна на Владата на САД преку американскиот Стејт Департмент.
„Навистина е голема привилегија да се биде ментор на млади луѓе од 7 земји кои се полни со иновативни идеи и се желни да донесат позитивни промени во заедниците каде што живеат. Сигурен сум дека оваа програма ќе им донесе прекрасно искуство и многу користи на учесниците и земјите во кои живеат, но исто така и на сите членови на тимовите на организаторите и менторите кои дадоа свој придонес во оваа програма”, изјави Андреј Ханзир, главен проектен менаџер во хрватската канцеларија за Креативност и иновација, кој е еден од менторите на оваа работилница.
StartQube програмата се одржува по четврти пат, а на претходните настани учество имаат земено учесници од Централна Азија како и повеќе Европски земји. StartQube е програма на Стартап Зона, која активно се занимава со поддршка на младите луѓе при реализацијата на своите идеи во вистински стартап. Организацијата исто така работи и со индивидуалци во насока на подобрување на нивните лични и професионални вештини.
Иако самата програма не е од натпреварувачки туку од едукативен карактер, завршните презентации (final pitches) на тимовите беа организирани со компетитивна нота. Победничкиот тим претстави решение за едукација на идни родители во врска со нивните деца, вклучувајќи бесплатна едукација на родители од маргинални групи. „Се здобив со специјализиран, детален и професионален поглед кон светот на бизнисот, претпријатијата и менаџментот“, изјави Кејси Курани, учесничка од Албанија и дел од победничкиот тим.
Во рамки на StartQube програмата, покрај овој проект, беа развиени уште 9 проекти со социјален импакт, меѓу кои се најдоа проекти за промоција на алтернативниот туризам на Балканот, здравствена платформа за туристи, неколку образовни проекти, како и проекти за паметен велосипедизам.