Членството во НАТО- Алијансата и во Европската Унија останува наш стратешки приоритет. Имајќи ги предвид геополитичките промени на глобални рамки, интегративните процеси во евроатлантските структури позитивно влијаат на мирот, соработката, безбедноста и економскиот и демократскиот развој на државите. Тоа го истакна министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски денеска во своето обраќање на „Future Forces Forum 2016“ кој се одржува во Прага, Чешка. Министерот Јолевски на Форумот е придружуван од страна на генералот Васко Ѓурчиновски, командант на Здружената оперативна команда на АРМ.
Министерот Јолевски посочи дека реформските процеси во одбраната и другите области продолжуваат, бидејќи тие првенствено се добри за нас, нашите граѓани, а потоа и за процесот на евроатлантска интеграција. Во тој контекст, министерот се заблагодари за отворената и принципиелна поддршка за членство во НАТО, од страна на домаќинот, Република Чешка.
„Динамичниот развој на меѓународната безбедносна сцена бара континуирано следење и прилагодување кон безбедносните закани и ризици. Република Македонија припаѓа на Евроатлантскиот регион и нејзината безбедност е неделива од безбедноста на регионот и пошироко“, посочи министерот. Тој додаде дека се светот се соочува со повеќе предизвици, ризици и закани, меѓу кои ги спомена тероризмот, транснационалниот организиран криминал, хибридната војна, илегалната миграција и други. Во контекст на миграцијата, министерот посочи дека поради својата географска положба Македонија минатата година се најде во комплицирана ситуација со секојдневниот наплив на мигранти. „Актуелната мигрантска криза претставува феномен незабележан во поновата историја, феномен кој ги надминува националните граници и бара глобален и регионален координиран ангажман“, рече министерот на Форумот.
Воедно, на маргините на форумот, министерот оствари и неколку билатерални средби меѓу кои и со началникот на Генералштабот на чешките вооружени сили, генералот Јосеф Бечвар, како и со генералот Петр Павел, претседавач на Воениот комитет на НАТО.
На средбата со генералот Бечвар, министерот Јолевски изрази задоволство од нивото на соработка помеѓу двете армии. „Ние соработуваме за повеќе прашања од областа на одбраната, особено справувањето со мигрантската криза, размената на информации за актуелната безбедносна состојба, како и во областа на военото образование“, рече министерот и додаде дека таа соработка ќе продолжи и ќе се интензивира во иднина.