Повторно огромен успех на битолскиот Народен театар во Израел

Со бурен аплауз синоќа во Акко, Израел, беше поздравена изведбата на претставата „Отело“ на битолскиот Народен театар во режија на Словенецот Диего де Бреа, меѓународно гостување кое се реализираше со поддршка од Министерството за култура. Ова беше второ претставување на Театарот од Битола на Меѓународниот театарски фестивал за алтернативен театар „АККО“, на кој учествуваат уметници од целиот свет, по минатогодишниот успех на претставата „Среќен крај“ во режија на Благој Мицевски.

Театарските познавачи не го криеја воодушевувањето од интензивната режија, современата актерска игра и специфичната претстава како полн погодок за театарската публика.

Претставата „Отело“ веќе втора година е на репертоарот на Театарот во Битола и синоќа ја имаше својата 30-та изведба, но и понатаму го привлекува вниманието на театарските селектори во регионот и пошироко.

Со битолскиот театар Диего де Бреа ја постави и претставата „Злосторство и казна“ годинава и токму заради специфичниот театарски јазик, кој ги надминува јазичните бариери, предизвикува огромно внимание и најверојатно ќе го претставува овој театар на светските сцени. Имено, Театарот од Битола во последните години со поканите што ги добива од значајни театарски фестивали и светски културни центри е голем промотор на македонската театарска естетика на светските сцени. Идниот месец, Битолскиот театар со поддршка на Министерството за култура, ќе реализира гостување и во Соединетите Американски Држави.

gostuvane_640_-1