Словенија почнала да поставува ограда на граничните премини со Хрватска

Словенија изминатите два дена почнала со поставување на метална ограда на двата најголеми гранични премини со Хрватска, Брегана – Обрежје и Грушковје – Мацељ, јавуваат словенечките медиуми, повикувајќи се на информации од официјални претставници на Министерството за внатрешни работи на земјата.

Оградата, според информациите, се поставува како превентивна мерка во случај на нов бран мигранти.

„Ако дојде до нов миграциски бран, граничните премини ќе бидат затворени“, изјавил државниот секретар на словенечкото МВР, Андреј Шпенга, додавајќи дека Словенија ќе стори сè миграцијата да не ја загрози безбедноста на нејзините граѓаните.

Словенија, како што пренесува балканскиот сервис на „Радио Слободна Европа“, досега има поставено технички бариери за насочување на мигрантите на границата со Хрватска во должина од 183 километри.

Металните огради кои почнале да се поставуваат деновиве ќе се протегаат во должина од 27 километри, а остатокот ќе биде бодликава жица.

Извор: meta.mk