Кривична пријава против дилер кој продавал марихуана и неовластено произведувал масло од канабис

Единица за недозволена трговија со дрога при СВР Скопје, поднесе кривична пријава против М.К.(38) од Скопје, поради постоење основано сомнение дека неовластено набавил наркотична дрога марихуана и неовластено произведувал масло од канабис, кое ги продавал на уживатели од Скопје и Струга.

За стореното кривично дело – „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“, предвидено и казниво по член 215 од КЗ на РМ, судија на претходна постапка на пријавениот му одреди мерка притвор во траење од 30 дена.

М.К. во текот на овој месец од засега непознати лица, набавил поголема количина на марихуана од која дел ја препакувал во помали паковки со намера улично да ја продава на уживатели од Скопје, а дел во својот дом во населбата Радишани, во импровизирана лабараторија ја преработувал во масло. По добиени оперативни сознанија дека М.К. препакуваната дрога и маслото почнал да ги продава на уживатели од Скопје, припадници на ЕНТ презедоа мерки и активности за потврдување на сознанието и обезбедување на материјални докази.

На 13 овој месец од страна на полициски службеници на Единицата М.К. бил забележан како се движи со возило во централното градско подрачје и кога се паркирал на паркинг простор, му било извршено легитимирање, личен преглед и преглед на возилото кое го управувал, а во кое биле неговата сопруга и нејзината сестра. Од извршениот личен преглед, кај пријавениот биле пронајдени еден џоинт, кој во моментот го користел, а во фиоката кај совозачкото седиште биле пронајдени седум полиетиленски паковки марихуана со вкупна нето маса од 16,39 грама, еден шприц во кој имало масло од хашиш, како и две метални дробилки со остатоци од марихуана.

Пријавениот и неговите сопатници биле приведени во службените простории на Единицата за недозволена трговија со дрога, а со наредба од судија на претходна постапка истиот ден бил извршен претрес во домот и другите простории каде престојувал во населбата Радишани, при што биле пронајдени и одземени 3,5 килограми марихуана спакувана во шест најлонски кеси, 28,30 грама мешавина од марихуана и тутун, 9,8 милилитри масло од хашиш, 170,66 грама семки од марихуана, како и остатоци од масло од хашиш во предметите кои ги користел за произведување на маслото во импровизираната лабараторија.

Со истиот бил извршен разговор во кој тој негирал дека пронајдената марихуана и масло од хашиш ги продавал, туку дека ги користел за лекување на неговата мајка.

Наредниот ден на 14.10. од страна на полициски службеници по дадена усна наредба од судија на претходна постапка од ОС Струга, полициски службеници од НККР Струга извршиле претрес во дом и други простории во Струга, каде живее семејството на пријавениот, при што во поткровјето од куќата биле пронајдени и одземени поголема количина на исушена марихуана и семки од марихуана, спакувани во тегли, пластични кутии и најлонски кеси, како и 47.000 денари во апоени од 500 и 1000 денари, 580 евра, 150 американски долари и и 70 британски фунти.