Запленети девизи, марихуана, цигари, мобилни телефони, фалсификати и друго

Во текот на минатата недела, царинските службеници открија еден обид за криумчарење марихуана и повеќе обиди за криумчарење разна стока, при што привремено се задржани девизи, автомобил со бункер, облека, цигари, синтисајзери, инекции, мобилни телефони, ленти за венецијанер ролетни и фалсификати.

Задржана е следната стока:

Девизи

– 59.100 евра, откриени во два одвоени случаи, при личен претрес на шест турски државјани, кои со германски автомобили се пријавиле за излез од државата на граничниот премин Богородица.

Во првиот случај, при личен претрес на тројца турски државјани, биле пронајдени непријавени 76.000 евра, од кои 35.000 евра биле пронајдени во внатрешноста на делот за ремен на фармерките на еден од патниците, 21.000 евра биле пронајдени во чантата на патничка во возилото и уште 20.000 евра биле пронајдени во две јакни оставени на возачкото и совозачкото седиште. Согласно законските прописи, на патниците им биле вратени по 10.000 евра, износ што нерезиденти можат слободно да ги изнесат од државата, а 46.000 евра биле привремено задржани. Против еден од патниците, кој ја презел одговорноста за непријавените готови пари, е поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

Во вториот случај, тројца турски државјани, пријавиле дека со себе носат 1.600 евра, но при извршениот личен претрес, во чантата на патничка во возилото, ќерка на возачот, биле пронајдени уште 41.500 евра, или вкупно 43.100 евра. Согласно законските прописи, на патниците им биле вратени по 10.000 евра, износ што нерезиденти можат слободно да ги изнесат од државата, а 13.100 евра биле привремено задржани. Против возачот, кој ја презел одговорноста за непријавените готови пари, е поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

Марихуана

Царинските службеници од граничниот премин Блаце спречија обид за криумчарење на марихуана. При контрола на албански автомобил, со кој за влез во државата се пријавиле двајца американски и еден албански државјанин, во багажот на еден од патниците, американски државјанин, била пронајдена кутија од цигарилоси во која било откриено едно кесиче со околу 3 грама марихуана. Против сопственикот на дрогата ќе биде поведена соодветна постапка.

Возило со бункер

На граничниот премин Табановце автопат привремено е задржан автомобил во кој бил откриен специјално подготвен бункер наменет за криумчарење стока. Бункерот бил пронајден под багажниот простор, помеѓу задните тркала, на германски автомобил, кој управуван од албански државјанин се пријавил за излез од државата. Против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

Облека

– 475 парчиња детска облека, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, извршена на патниот правец Дојран – Струмица. Производите за кои возачот не поседувал документи за потекло и платени увозни двачки, биле пронајдени во две вреки сместени во багажникот на возилото. Истите се привремено задржани, а против возачот ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

– 87 парчиња облека (фустани, јакни, панталони, блузи, кошули, мантил и пижами) и 14 пара обувки (чевли, патики и чизми), откриени на скопскиот аеродром Александар Велики при контрола на 4 куфери, сопственост на македонски државјанин кој пристигнал со лет од Белград. Непријавените производи се привремено задржани а против патникот ќе биде поведена прекршочна постапка.

Цигари

– 14 штеки цигари Marlboro Gold, Ceorge Karelias и Maxim slims без акцизни маркички, откриени при контрола на германски автомобил, управуван од грчки државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Меџитлија. Непријавените цигари, пронајдени во просторот за резервна гума и под предните седишта на возилото, се привремено задржани, а против возачот е поднесено барање за поведување на прекршочна постапка.

Останато

– 2 синтисајзери марка Korg PA3X Behringer и UMX490 и 39 инекции Clexane 20 mg, откриени при контрола косовски автомобил, управуван од косовски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Блаце. Непријавените производи пронајдени на задното седиште и во багажникот на возилото, се привремено задржани, а против возачот е поведена прекршочна постапка.

– 5 нови мобилни телефони Iphone 7 и Iphone 6, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на багажот на косовски државјанин кој, на скопскиот аеродром Александар Велики, допатувал со лет од Гетеборг. Непријавените телефони се привремено задржани а против патникот ќе биде поднесена прекршочна пријава.

– 8 кутии со ленти за венецијанер ролетни, откриени при контрола на бугарски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавените производи, пронајдени во багажникот на возилото, се привремено задржани, а против возачот е поведена прекршочна постапка.

Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост

– 76 парчиња облека (детски маици и дуксери) со ознаки на заштитени трговски марки, откриени при контрола на стока со потекло од Соединетите Американски Држави, наменета за увозник од Скопје, пријавена за увозно царинење во царинската испостава Скопје 3.

Поради сомневање дека се повредени права од интелектуална сопственост, производите се привремено задржани и согласно законските прописи ќе бидат поведени постапки за утврдување на нивната оригиналност.