Светска банка во својот последен „Дуинг бизнис“ (Doing business) извештај за 2017-та година ја рангираше државата на десеттото место во светот и на петтото во Европа во однос на леснотијата за водење бизнис. Ова е историски резултат за Македонија и тој призлегува од големата посветеност и труд на Владата на Р. Македонија, истакна Владимир Пешевски, заменик претседател на Владата задолжен за економски систем.
Р. Македонија е петто рангирана земја во Европа, а пред нас се само Данска, Норвешка, Велика Британија и Шведска. Според овој извештај Р.Македонија е земја со најдобра бизнис клима на Балканот, но и во регионот на Европа и Централна Азија. Нашите соседи се далеку зад нас.
Во споредба со извештајот „Дуинг бизнис“ 2007 пред 10 години кога оваа Влада го презеде водењето на Р. Македонија забележан е напредок од неверојатни 84 места, рече Пешевски.
Тој посочи дека ова рангирање на Македонија се должи на 30-те реформите кои се спроведени во државата.
Резултатите од „Дуинг бизнис“ се особени важни за Владата. Не радува што од светски рангирана институција имаме напредок од 39 позиции. Овие резултати може да бидат и подобри доколку овие 10 години, а посебно последните 2 не ни се испречија неколку комплексни ситуации кои го забавуваа процесот на спроведување на реформите, рече Пешевски.
Процедурите за водење бизнис во Македонија се поедноставени и скратено е времето и трошоците, истакна министерот за финансии Кирил Миноски.
Благодарение на реформите кои ги прави Владата, побрзо и поефтино се стопанисува во однос на минатото. Македонија е високо рангирана, а даноците во нашата земја се меѓу најниските во светот, рече Миноски.
Тој додаде дека во споредба со Европските земји, Македонија може 5 пати побрзо да се увезе и извезе стока.
Основен наш приоритет е креирање на работни места и отворање на нови инвестиции, потенцира Миноски.