Избран младинскиот претставник во Управниот Одбор во РИКО

Денес во просториите на Агенцијата за млади и спорт се одржа повторено гласање за младинскиот претставник во Управниот Одбор на Регионалната канцеларија за младинска соработка за Западен Балкан, од страна на проширената работна група која беше формирана за избор на младинскиот претставник во највисокото тело на оваа канцеларија. На денешното гласање присуствуваа 45 од вкупниот број 66 членови на работната група, со што беше и остварен кворум за гласањето. Гласањето се одвиваше во 2 круга, а за младински кандидат беше избрана Бојана Наумоска.

Регионалната канцеларија за младинска соработка е иницијатива која започна во 2015 година со Заедничката декларација за воспоставување на канцеларијата, потпишана од страна на премиерите на Македонија, Албанија, Србија, Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина (потпишана на Самитот за Западен Балкан во Виена) и официјално воспоставена со Меѓународната спогодба за нејзино воспоставување (потпишана на Самитот за Западен Балкан од страна на премиерите на шесте држави) на 05 јули 2016 г. Предвидено е да започне со работа во текот на 2017 година.

Заедно со Бојана Наумоска во Управниот одбор на Канцеларијата ќе биде и Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески, како владин претставник. Официјалните номинации ќе бидат испратени во текот на утрешниот ден.

Со изборот на Бојана Наумоска за младински претставник во РИКО престанува и работата на Работната група која беше формирана за избор на младинскиот претставник во Управниот Одбор на РИКО, а која беше составена од 66 членови, од кои најголемиот дел – претставници на невладини организации.

На крајот, изразуваме жалење што мал дел од организациите прават обид да фрлат дамка на изборот на младинскиот претставник, како и целокупниот процес за избор на претставникот кој беше инициран токму од граѓанските организации и воден на начинот кој тие го предложија на координативната средба, непосредно по Самитот во Париз, каде беше потпишана Меѓународната спогодба за воспоставување на РИКО.