Македонско-српски бизнис клуб се очекува да биде формиран на почетокот на следната година, најавија стопанските комори на Македонија и на Србија на бизнис форумот во Белград на кој директни средби имаа претставници на стотина компании од двете земји. Поддршка за иницијативата бизнисмените добија од претседателите на Македонија и на Србија, д-р Ѓорге Иванов и г. Томислав Николиќ.
„Зеднички интерес е нашите две држави и економии инфраструктурно да се добро поврзани, за да им овозможиме повисок животен стандард на граѓаните и подобри економски услови на бизнис заедниците”, рече мекедонскиот претседател во обраќањето на форумот.
Македнонија, истакна претседателот Иванов, во најновиот извештај на Светската банка Дуинг бизнис за 2017 година е рангирана на 10. место и ги повика српските бизнисмени да инвестираат во нашата земја, но, исто така, и да се здружат со македонските компании за заеднички настап во трети земји.
Ги информираше бизнисмените дека тој и неговиот српски колега постигнале согласност за проектот за поврзување на Вардар, Морава и Дунав со Егејското Море. Со изградба на каналот се скратува повеќе од 1.200 километри пловен пат.
Трговската размена меѓу двете земји е на задоволително ниво, рече српскиот претседател Николиќ, но постои простор за нејзино зголемување со интензивирање на стопанската соработка.
„Токму затоа ве повикувам вас, стопанствениците да не ги гледате Србија и Македонија само како пазари за пласман на своите производи и услуги, туку и како можност меѓусебно секторски да се поврзете во партнерства кои ќе бидат еднакво конкуретни на регионалните, но и на далечните пазари”, рече претседателот Николиќ. Како одличен потенцијал за соработка, тој ги посочи патната инфраструктура, енергетиката, земјоделството и туризмот.
Годишно во просек трговската размена меѓу Македонија и Србија е околу 700 милиони долари, а само во првите шест месеци од оваа година изнесувала околу 340 милиони долари.
„Интерес на бизнисот на Македонија, е Србија, Бугарија, Грција и Албанија да станат економски лидери, а така и Македонија ќе оди напред. Остварувањето на тоа е во ваши раце кои што треба да го поттикнете економскиот развој и во рацете на политичарите кои што тоа треба да го овозможат”, им порача на двајцата претседатели, претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески.
Според него, на Балканот денес има проект за кој може да се рече дека можеме да претставува успешна приказна, а тоа е Берлинскиот процес и тоа од неколку аспекти. – Затоа што има моќен спонзор, тоа е германската канцеларка, како најмоќен политичар во Европа. Второ, затоа што тој процес го поддржуваат четирите најмоќни држави во Европа. Трето, затоа што има јасна цел, а тоа е инфраструктурата на Балканот и четврто, затоа што има јасно дефиниран финансиер Европската унија со своите фондови. Ве повикувам како компании да го видите својот интерес во тоа, рече Азески.
Во текот на следната година се очекува да биде завршен автопатот до Македонија и од таму до Грција, но истакна Азески ние нема да ги решиме проблемите со тоа. „На границите ќе останат колоните на камиони и возила. Да го искористиме овој период да ги надминеме сите нетарифни бариери и проблеми кои постојат на границата за да може побрзо и успешно да се остварува бизнисот”, рече Азески кој побара хармонизација на законодавството и брз проток на стоки и услуги.
Претседателот на Стопанската компанија на Србија Марко Чадеж смета дека треба да се поддржи идејата за заедничко презентирање на комоании од двете земји на трети пазари и создавање заеднички компании. „Само така можеме да бидеме многу посилни и конкуретни со големите меѓународни компании и да ги освојуваме и другите пазари”, рече Чадеж.
Македонскиот претседател Иванов е во работна посета на Србија во рамки на одбележувањето на 70-годишнината од доселувањето на Македонците во Војводина. Тој имаше средба со неговиот домаќин претседателот Николиќ.