Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата Охрид, согласно програмата за работа за 2016 година, во соработка со Локалната самоуправа, Министерството за образование и наука, Министерството за внатрешни работи и предшколската установа „Јасна Ристеска“, годинава, заедно со децата од предшколска возраст, во Охрид ќе ја реализира сообраќајно-воспитна кампања „Децата-безбедни во сообраќајот“.
Годинава, оваа кампања ќе биде дел од проектот „Ве молам возете полека“ што ќе се реализира утре (четврток) со почеток во 09 часот и 15 минути на кружната раскрсница на пресекот на булеварите „Туристичка“ и „АСНОМ“. Тука ќе дојдат околу 200 деца од сите градинки во Охрид кои претходно ќе тргнат од своите детски градинки и со транспаренти ќе дојдат до кружниот тек. Предвидено е децата да застанат до штитниците поставени на сите четири страни од кружната раскрсница и да ги истакнат своите транспаренти со пораки до возачите .
Во реализацијата на кампањата „Ве молам возете полека“ ќе се вклучат и полициски службеници, претставници од Здружението на пензионерите од Охрид и Дебарца, медицинска екипа на Брза помош и од Противпожарната територијална единица од Охрид. Тие, заедно со децата на возачите ќе им делат едукативни флаери и ќе им се обратат со пораката „Ве молам возете полека“.
Целта на овие проекти и кампањи е подигнување на свеста и совеста кај возачите на автомобили за внимателно и одговорно управување со автомобилите и другите превозни средства, за почитување на сообраќајните правила и прописи како клучни за поголема безбедност во сообраќајот и намалување на сообраќајните незгоди.