За шеф на изборниот штаб на коалицијата на ВМРО-Народна партија, Обединети за Македонија и на Достоинство е назначен Ден Дончев, кој ќе биде и носител на кандидатската листа во првата изборна единица. Официјално, промоцијата на кандидатите ќе биде утре.
Во втората изборната единица, носител на кандидатската листа ќе биде Љупчо Балковски, во третата – генералот Стојанче Ангелов, претседателот на Достоинство. Лидерот на ВМРО-НП, Љубчо Георгиевски, ќе биде носител во четвртата изборна единица, Љубе Бошкоски во петката, а шестката ќе биде резервирана за Достоинство.
Оваа коалиција се формализираше откако не успеаја да се договорат за заеднички настап со Коалицијата за промени и правда.
Ниту од ВМРО-ДПМНЕ, ниту од СДСМ не откриваат кои ќе им бидат адутите на пратеничките листи преку кои ќе се бара доверба од граѓаните на предвремените парламентарни избори, закажани за 11 декември. Последниот рок до кога листите со кандидати за пратеници треба да се достават до Државната изборна комисија е следниот петок, 11 ноември, на полноќ, а на 18 ноември ДИК мора да ги објави во дневен печат.
Од најголемата опозициска партија велат дека в недела, на партиски конгрес, ќе ги објават кандидатските листи за пратеници.
Од ВМРО-ДПМНЕ, исто така, информираат дека листите ќе ги објават на некој поголем собир, но сè уште дефинираат кога и како ќе изгледа тоа.
Засега само ДПА ги објави кандидатските листи, на кои лидерот Мендух Тачи е носител во шестата изборна единица.
Извор: meta.mk