Фондот за здравствено осигурување овозможува остварување на право за ортопедски помагала за кои годишно одвојува значителен износ на финансиски средства, обезбедуваjќи 406 типови ортопедски и други помагала, односно 1210 помагала од различни производители. Заклучно 31 октомври 2016 година, Фондот имаше склучено договор со 31 ортопедска куќа на територија на Македонија, кои имаа мрежа од 111 специјализирани продавници. Финансиските средства кои Фондот ги има предвидено за ортопедски помагала секоја година се зголемуваат па така во 2016 година предвидени се 550 милиони денари.
„Фондот прави редовни контроли на работата на здравствените установи и на правните субјекти со кои има склучено договори. Од контролата на ортопедските куќи со кои Фондот има договор, како и со вкрстена проверка преку електронскиот систем, Фондот утврди дека 6 ортопедски куќи имаат неправилности и прекршување од одредбите на договорот со Фондот.
Од утврдената контрола, согласно договорните обврски, Фондот на 31.10.2016 година, раскина договори со 6 ортопедски куќи кај кои се утврдени неправилности во работењето.
За да обезбеди континуирана снабденост на осигурениците со ортопедски помагала, Фондот одлучи да ја зголеми дистрибутивната мрежа на добавувачи за ортопедски помагала.“– велат од ФЗОМ.
Согласно, Законот за лекови и медицински помагала, како и Правилникот за ортопедски помагала на Фондот за здравствено осигурување, на 7 септември годинава објавен е јавен повик за склучување на договори за издавање на ортопедски помагала со ПЗУ аптеки и други ортопедски куќи кои немале договор со Фондот.
„Можеме со задоволство да ве известиме дека по завршувањето на јавниот повик, Фондот склучи договор со нови 91 правни субјекти, кои имаат 332 аптеки – продажни места на територија на целата Република, за определени видови на ортопедски помагала. Досега најголемата ортопедска куќа имаше само 16 подружници во 14 градови, а сега достапноста ќе биде во сите градови во Република Македонија. На пример, за пелени за неподвижни лица со сериозни заболувања, кое е најчесто подигнато ортопедско помагало, осигурениците во половина од градовите мораа да патуваат до соседниот град, секој месец, за да ја подигнат потребната количина на пелени. Од сега, осигурениците ќе можат да подигнат пелени во аптеката во сопствениот град во кој живеат. На овој начин го надминуваме и проблемот кој со години се провлекуваше, а тоа е дистрибуцијата на ортопедските помагала до помалите места. Досега осигурениците можеле помагалата да ги подигаат во 14 градови, а сега по склучувањето на новите договори со ПЗУ аптеки, ќе можат да ги подигаат препишаните ортопедски помагала во следниве 29 градови: Берово, Битола, Македонски Брод, Валандово, Велес, Виница, Гевгелија, Гостивар, Дебар, Делчево, Демир Хисар, Кавадарци, Кичево, Кочани, Кратово, Крива Паланка, Крушево, Куманово, Неготино, Охрид, Прилеп, Радовиш, Ресен, Свети Николе, Скопје, Струга, Струмица, Тетово и Штип.“– велат од Фондот.
Истовремено, во новиот договор има одредби со кои се зајакнува контролниот механизам, како и казнени одредби кои имаат цел да спречат било какви грешки или можни злоупотреби.
„Мораме да напоменеме дека на последниот јавен повик, не се обезбедија договори за дистрибуција на мал дел од палетата во делот на индивидуални ортопедски помагала на кои осигурениците имаат право согласно закон и подзаконски акти на Фондот, па поради тоа, направивме реорганизација во подрачните служби со која овозможуваме рефундација на средства на набавено ортопедско помагало во рок од една недела. Доколку Фондот утврди дека има потреба од ортопедско помагало кое не е понудено од правните субјекти со кои има склучено договор, тогаш може повторно да распише јавен повик само за тоа помагало, за што планираме во најскоро време да распишеме и јавен повик.“– велат од ФЗОМ.
Фондот за здравствено осигурување на Македонија и понатаму останува доследен на своите заложби да обезбеди што поквалитетни здравствени услуги за своите осигуреници.