Поволностите за инвестирање во Македонија денеска беа презентирани пред претставници на Швајцарската текстилна федерација, а во текот на денешниот ден ќе бидат претставени и на бизнис форум во Цирих на кој ќе присуствуваат бизнисмени од различни сектори.
На средбата со раководството на Швајцарската текстилна федерација, владината делегација предводена од вицепремиерот Владимир Пешевски, посочила дека со спроведувањето на над 30 системски реформи и носењето на современа легислатива, драстично се подобрени условите за водење бизнис во Македонија.
Вицепремиерот Пешевски потенцирал дека како резултат на овие реформи, Македонија во последниот извештај на „Дуинг бизнис“ е рангирана на 10-тото место во конкуренција на 190 држави во однос на условите за водење и започнување на бизнис што во споредба со периодот од пред десет години претставува напредок од 84 позиции.
Пешевски нагласил дека фокусот на Владата и во иднина ќе биде подобрување на бизнис климата и привлекување на реномирани и иновативни компании, какви што членуваат и во Текстилната федерација на Швајцарија.
Директорот на Текстилната федерација на Швајцарија изразил задоволство од условите за водење бизнис и најавил интензивирање на контактите меѓу двете страни.
Во Швајцарската текстилна федерација членуваат околу 200 домашни компании кои работат главно со производство на текстил и облека што се користат во повеќе различни сектори и извезуваат стоки во приближна вредност од 1,7 милијарди швајцарски франци.
Вицепремиерот Пешевски во придружба на министерот без ресор задолжен за странски инвестиции Арлинд Зеќири и економскиот промотор во Швајцарија, Кресник Бектеши ќе учествуваат и на бизнис форум во Цирих.