Во однос на сообраќајките кои на 28 октомври беа предизвикани од Д.С. ве информирам дека дел од инволвираните вчера дојдоа во полициската станица Карпош и дадоа нови изјави, со кои ги негираат претходните изјави, рече на денешната прес конференција Тони Ангеловски, портпарол на МВР.
„На лицата Т.К. и М.Т. ова им е трета изјава во врска со истиот случај, а на Д.С. втора. Вчера Д.С. ја промени својата изјава односно кажа дека во првата изјава дадена во полициската станица Карпош не ја говорел вистината. Во првата изјава дадена во саботата вечерта Д.С. тврди дека Туарегот бил управуван од, како што рекол, неговиот возач М.Т. Но, вчера Д.С. во полициската станица Карпош дава нова изјава во која тврди дека тој лично го управувал Туарегот. Сопатничката во Туарегот Т.К. во првата изјава дадена во ноќта петок кон сабота, тврди дека возилото Фолксваген Туарег било управувано од Д.С. и нема никакви закани од никого. Во втората изјава дадена во саботата вечерта, кога и лицето Д.С. дава изјава, Т.К. ја менува изјавата и тврди дека возилото не го управувал Д.С. туку М.Т. и со тоа ја поткрепува изјавата дадена истиот ден од Д.С. Но, вчера Т.К. по трет пат дојде во полициска станица и ја негира својата претходна изјава односно призна дека тоа што го изјавила не е вистина. Според последната изјава на Т.К. , возилото Туарег го управувал Д.С. Значи прво возел Д.С., па возел М.Т, па на крај повторно возел Д.С. И лицето М.Т. три пати ја менува својата изјава. Во првата изјава дадена во петокот вечерта, кога дури два часа после незгодите доаѓа на местото каде бил запрен Туарегот, вели дека тој лично го управувал возилото во кое биле уште Д.С. и Т.К. и не пријавува никакви закани од насилници. Во втората изјава дадена утредента во ПС Карпош, откако и лицето Д.С. даде изјава, М.Т. тврди дека тој го управувал возилото, но сега дополнува и дека имало закани од насилници. Вчера пак, по личното признание на Д.С. дека тој го возел Туарегот, исто како и Т.К. и М.Т. дојде во полициската станица Карпош и даде трета изјава во која кажува дека лажел во претходните две изјави кога тврдел дека тој го возел Туарегот“, рече Ангеловски.
Портпаролот на МВР на крајот на прес конференцијата го повтори фактот дека е утврдено дека Туарегот удрил во возилото Пасат и сето тоа е документирано, а снимена е и пријавата на 192 на оштетениот возач на Пасатот.