Расте бројот на македонски компании кои вложуваат во општествено одговорни практики. Годинава речиси една третина од компаниите кои конкурираа за националната награда за најдобри општествено одговорни практики првпат аплицираа за ова признание.
Најголем број од компаниите кои аплицираа за оваа награда се од услужниот сектор, по што следуваат финансискиот и ИКТ секторот. Како и секоја година, така и оваа, најмногу проекти од пристигнатите 38 проекти, се во категоријата „вложување во заедницата“. Во споредба со минатата година, зголемен е бројот на апликации во категоријата „односи на пазарот“, а намален во категориите „однос кон вработените“ и „однос кон животната средина“, а непроменет останува во категоријата „Етичко управување“.
Според извршниот претседател на Бизнис Конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков, македонските компании се општествено одговорни, но понекогаш за тоа не се свесни.
– Генерално, македонските компании се општествено одговорни меѓутоа мораме да признаеме дека за тоа тие не се свесни бидејжи воведуваат и спроведуваат практики кои се уште не успеале да ги препознаат дека можат да бидат од корист, односно им треба малку повеќе знаење и развивање на свеста за да ги препознаат добите практики за да можат да ги истакнат и да бидат нивна додадена вредност, изјави Бошков.
За министерот за економија Дритон Кучи, со развивањето на општествената одговорност, компаниите го подобруваат својот имиџ, односите со добавувачите и потрошувачите и ги мотивираат своите вработени.
„Целта на оваа награда е да промовира позитивни практики на општествена одговорност и притоа да инспирира воведување и натамошно унапредување на општествената одговорност кај претпријатијата во Македонија. А колку во тоа сме успеале говори и фактот што последните девет години вкупно 165 претпријатија пријавиле 499 практики кои ги спровеле и со кои ја демострирале својата одговорност покажувајќи дека нивната цел не е само создавање профит, туку и грижа за вработените и клиентите и зачувување на животната средина“, истакна Кучи.
Компаниите за годинашната награда можеа да аплицираат од 3 јуни до 15 август, а нивните проекти беа оценувани од жири комисии од 16 претставници на јавниот, деловниот и граѓанскиот сектор. Годинава, од вкупно 38-те проекти, една четвртина од апликациите беа поднесени од мали и средни претпријатија, а големите претпријатија поднесоа 29 проекти.
Најдобрите компании добија статуетка во форма на логото на Координативното тело за општествена одговорност на претпријатијата (ООП), а оние компании кои влегоа во потесниот круг за избор, им се врачена плакета.