Конгресот на СДСМ вечерва ги усвои кандидатските листи за пратеници за претстојните вонредни парламентарни избори што ќе се одржат на 11 декември со 597 гласови „за“, еден „против“ и 24 воздржани.
„Почитувани граѓани, присутни, коалициски партнери од партиите, претставници на медиумите, добар ден. Добар ден почитувани делегати. Не било лесно носењето на кандидатските листи за пратеници.
Но, почитувани делегати и почитувани гости, донесовме заедно одлука за Сојуз со граѓаните само пред еден месец и еве денеска сум тука, повторно пред вас, заедно да и покажеме на домашната јавност, но и на пошироката јавност, којашто има што да учи од нас – успеавме! Денеска сме овде со нашите кандидатски листи.
Во име на раководството на СДСМ и во име на граѓаните на Македонија, денеска од вас ја барам поддршката: сојузот на СДСМ и коалициските партнери – со граѓаните, да излезе заедно на изборите на 11 декември и заедно да ја донесеме историската победа на граѓанска Македонија!
Покажуваме дека сме единствени, докажуваме дека сме искрени во определеноста за коренити, за суштински промени во нашата држава. За живот во Македонија!
Цела јавност нека слушне и нека види: Ова се пратенички листи на СДСМ и коалициските партнери, и на граѓаните на Република Македонија! Oва се победничките листи на 11 декември!
Почитувани делегати, почитувани присутни, пресвртот во Македонија почнува денеска!
Незапаметено, во нашата земја, во политичката пракса во Македонија, во регионот и пошироко, една партија широко ги отвори своите врати и ја отвори душата на граѓаните.
Знаете ли зошто успеавме? Затоа што израснавме. Затоа што созреваме. Затоа што прифативме, ти, јас, таа до тебе, тој позади тебе, тоа пред тебе – тоа сме сите ние, граѓаните! Со истата потреба да подадеме рака и истата потреба да ни биде подадена рака. Затоа што граѓаните го препознаа својот партнер, исто како што и ние го препознавме нашиот партнер – граѓаните.
Така се гради солидарно општетство. Така се гради држава на еднакви граѓани.Стоиме на зборот, секој е важен. Затоа, овие пратенички листи отвораат место за сите. Во нив не има од различни региони, од градови и села, од различни професии, од различни етнички заедници, од секаде, од секоја пора на општеството во коешто живееме. Но со нив, со нив нè има сите, во Македонија!
Имаме шанса да создадеме блескав Парламент во кој народот ќе има власт.Тој Парламент ќе избере чесна и одговорна Влада на народот. Таа Влада ќе гарантира место за сите, место за сите во нашата заедничка Република Македонија! Сега е моментот заедно, обединети да ги направиме промените. Имаме обврска да се избориме! Имаме план за живот во Македонија. За младите да ни останат овде во Македонија, за секој од нас во нашата Македонија.
Ве повикувам почитувани делегати, дајте ја поддршката на овие листи што носат пораз на ова едноумие и авторитарен режим во нашата Македонија! Дајте ја поддршката за живот за сите нас во Република Македонија.
Почитувани делегати, ве повикувам заедно да испратиме порака во Македонија дека не е сам Зоран Заев кој верува во граѓанска Македонија! Да испратиме порака дека Социјалдемократскиот сојуз на Македонија верува во граѓанска Македонија! Нека е благословена иднината на нашата мајка – Република Македонија!“– истакна Заев.