Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, денес одржа прес-конференција, на која истакна:
„Го гледаме овие денови Груевски како е многу загрижен за програмата за живот на граѓаните како составен дел од нашата програма на СДСМ, здружената опозиција и граѓанската платформа.
И треба да биде загрижен! Додека тој до ден денеска се бори парите да влезат во џебот на фамилијата, нашата борба е парите да влезат во џебот на граѓаните. И тоа ќе биде така после 11 декември во Р. Македонија.
Не може Македонија да ја има најбогата партија во Европа и најсиромашните граѓани на Балканот.
Сетот на мерки којшто постојат во нашата програма, преку намалувањето на трошоците на сите овие измислени трошоци од радиодифузни такси, до извршители, до казни, преку укинувањето на евтината тарифа и многу други, токму преку мерките за зголемување на социјалната помош, преку правичното оданочување и еве еден еклатантен пример преку повратот на 15 проценти од ДДВ на секој граѓанин, ќе се враќаат на многу внимателен и сериозен начин парите назад кон граѓаните.
Преку ваквиот концепт наша конечна цел е граѓаните да бидат побогати во Македонија!
Токму со овие мерки сакаме да постигнеме две главни цели.
Првата цел е побогати граѓани и втората цел е да ги намалиме социјалните разлики во Македонија.
Македонија заслужува достоинствен и квалитетен живот за граѓаните!
И токму меѓу другите мерки и од овие две конечни цели зависи севкупниот квалитет на живот на граѓаните во нашата земја!“– истакна Заев.