Наjголемото делчевското село Разловци остана без единствениот премин што води кон градот и околните места. Интензивните дождови изминатата ноќ го однесоа привремениот премин по кој поминуваа жителите. Во водите останаа заглавени два автомобила, а во калта остана и еден трактор. Претпладнето се влечеа возилата од реката.
Мостот кон Разловци не се употребува од февруари годинава, кога го однесе надојдената река Брегалница. Граѓаните се револтирани од Општина Делчево, која не направила ништо и за утре најавија протести.
„Сосема сме отсечени, веќе сме на Господ зад грбот. Нема каде да одиме. Еден болен човек да се разболи, тука ќе умре“ – вели револтиран жител на Разловци.
Иако Општината Делчево доби пари од Европската Унија за реконструкција, градежните работи на мостот, доцнат со месеци. Жителите како алтернатива, предлагаат оспособување на стариот пат во должина од околу пет километри.
До политичарите имаат една порака – пред избори да не им ги бараат гласовите.
„Со кој образ ќе дојдете во селото да водите кампања?! “– им порача еден од постарите жители.
Дел од Делчевско, во текот на овие 24 часа со силен ветер и врнежи од дожд, речиси 16 часа беше без струја. Две паднати тополи го прекинаа регионалниот довод со струја. Екипи на ЕВН во текот на денот сечеа и здрави тополи за да спречат нови прекини на струјата. Регистирани се и повеќе одрони на карпи и камења што го попречуват нормалното одвивање на сообраќајот.
Извор: meta.mk