Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) ја почна новата кампања „Последен поздрав до оној кој не стави појас“, која има за цел да ја зголеми свесноста за користење на сигурносните појаси и кај возачите и кај сопатниците.
Кампањата преку раскажување на животни приказни низ фотографии ги прикажува последиците од некористењето појаси.
„Животните стории од фотографиите се вистински и се лични судбини на луѓе чиј живот згаснал како резултат на несовесно и неодговорно учество во сообраќајот–како резултат на некористење сигурносен појас. Многу нешта на денешниот ден би биле различни, многу луѓе би биле посреќни, многу семејства нема да беа завиткани во црно и многу лица ќе беа ослободени од горката тага, со неизмерлив бол и јад во душата, доколку нивните блиски користеа сигурносен појас“, велат од РСБСП.
Според истражувањето на РСБСП, при кое се анализирани возачи од 13 општини во Република Македонија, покажува дека процентот на возачите кои користат сигурносен појас изнесува околу 30%. Овој процент е за неколку единици поголем кај совозачите. Ситуацијата во Европа е обратна, односно само 30 отсто од возачите го прекршуваат законот и не користат појас.
Според анализите кои го направиле релевантните меѓународни организации, 50 отсто од возачите кои загинале на патиштата, го загубиле животот бидејќи не користеле појас.
Кампањата и активностите поврзани со неа ќе трае неколку месеци и ќе се реализира на територијата на Република Македонија, а целна група ќе бидат возачите и патниците како учесници во сообраќајот.
Извор: meta.mk