Генерал Румен Радев, кој ја доби поддршката од Бугарската социјалистичка партија, е петтиот демократски избран претседател на Бугарија. Тој освои 59,7 отсто од гласовите, додека кандидатот на владејачката ГЕРБ, Цецка Царева, освои само 35 отсто од гласовите во вториот круг од претседателските избори.
„Важна е победата. Победа за целиот бугарски народ. Демократијата ја победи најголемата апатија и страв. Да ја почитуваме волјата на гласачите “– изјави новиот претседател, генерал Румен Радев, веднаш по обелоденувањето на резултатите.
Премиерот Бојко Борисов веднаш свика прес-конференција на која соопшти дека на првиот работен ден на Собранието ќе поднесе оставка на неговиот кабинет. Тој рече дека по новонастанатата политичка ситуација во Бугарија, односно по победата на генерал Румен Радев на вториот круг од претседателските избори, владата на ГЕРБ не може да продолжи да управува.
„На првиот работен ден на парламентот ќе поднесам оставка на владата. Ако сакаат, може да состават влада уште во овој пратенички состав и да продолжат да владеат уште две години. Ако им е потребен кворум, ние ќе бидеме таму и ќе им помогнеме. Гледам многу грешки, а ние сме партија која учи од грешките и влечеме поуки. Секогаш сум бил дел од народот и го чувствувам секој сигнал на сопствената кожа. На овие избори народот ни кажа дека нешто не е како што треба “– рече Борисов.
Тој додаде дека БСП има можност да состави нов кабинет и оти свикувањето на парламентот е задолжително.
Извор: meta.mk