Македонија ќе го интензивира процесот на реформи за поскора интеграција во ЕУ и НАТО

Во текот на вчерашниот ден се реализираа останатите средби од агендата на министерот за одбрана Зоран Јолевски во САД. Тој оствари средби со претставници на фондацијата „Херитиџ“, МекКејн Институтот за лидерство и со Сали Пеинтер, член Бордот на Директори на Труман фондацијата за национална безбедност.

На средбите беше ставен акцент на успехот на Македонија во справувањето на мигрантската криза и начинот на соработка со земјите од регионот и беше разговарано за заложбата на македонската влада за организирање фер и демократски избори наредниот месец, со што би се ставил крај на политичката криза која владее во земјата. Министерот Јолевски даде уверување дека по изборите Македонија со забрзано темпо ќе ги интензивира реформите кои се пред се значајни за граѓаните на Македонија, а со тоа и ќе се овозможи полесна интеграција на Македонија во Евро-атлантскиот сојуз.

Вечерта во полната сала на реномираниот Институтот за мир на Соединетите држави во Вашингтон, по седми пат се одржа традиционалниот Концерт за Денот на благодарноста со кој се одбележува стратегиското партнерство меѓу САД и Македонија. Македонските уметници, композиторот и пијанистот Дуке Бојаџиев и кларинетистот Исмаил Лумановски со речиси двочасовниот настап ја воодушевија публиката.

Министерот за одбрана, Зоран Јолевски имаше свое обраќање пред присутните гости, од Стејт Департментот, Пентагон, од Сенатот и Конгресот, претставници од дипломатскиот кор, невладиниот сектор и македонската дијаспора Во оваа прилика тој ја истакна одличната соработка меѓу Македонија и САД и искажа благодарност за досегашната поддршка и стратешкото партнерство во областа на одбраната, образованието и науката, здравството, трговијата и инвестициите и други области.

Денес, министерот Јолевски отпатува за Канада каде ќе говори на Форум, на тема „Мигрантската криза и нејзиниот импакт врз земјите од т.н. Западен Балкан, ЕУ и НАТО“, на Универзитетот Карлтон во Отава. Воедно во текот на денот ќе се сретне и со спикерот на Канадскиот парламент Џорџ Фуреј.

dsc_6569