Проект за развој и промоција на пост средното образование

Како можете да ги подобрите вашите шанси на пазарот на трудот, да стекнете вештини за да водите тим или да управувате со бизнис? Како можете брзо да се здобиете со диплома која ќе ви помогне да напредувате? Одговорот е пост-средно образование. Затоа Македонија спроведува понатамошен развој на пост-средното образование во соработка со странски експерти кои моментално се во посета на средните стручни училишта низ земјата.

Оваа недела, експерти од Полска кои се вклучени во краткиот Твининг проект финансиран од ЕУ за развој на пост-среднотообразование во Македонија посетија стручни училишта во Охрид и Струга. Тие зборуваа со претставници на училиштата за потребите на наставниците и учениците. Исто така сакаа да дознаат како училиштата и работодавачите работат заедно. Целта на посетите е да се анализираат причините зошто интересот за пост-средно образование е низок во овој регион и како истото може да се популаризира.

Пост-средното образование се смета за „мост“ помеѓу средното и високото образование во Европа. Тоа претставува флексибилен начин за здобивање на практични вештини кои значително се вреднуваат на пазарот на трудот. Ваквото образование им дава на луѓето можност да ги подобрат нивните компетенции, да станат поспецијализирани или да се преквалификуваат со цел да најдат подобра работа.

Агата Почмањска, експерт од Образовниот истражувачки институт од Полска (IBE), заедно со Авдил Исмани од Министерството за образование и наука на Република Македонија, во вторникот го посетија училиштето ОЕМУЦ „Наум Охридски“. Директорот Јане Цаноски го претстави училиштето и дискутираше за проблемите со кои се соочуваат наставниците и учениците. Тој потенцираше дека образовната понуда треба да ги одразува потребите на пазарот на трудот. „Ние како средно стручно училиште мора интензивно да соработуваме со локалните компании“, изјави г-дин Цаноски. „Постојана комуникација, претставување на активностите, обука на наставниот кадар, помош за опремување на училиштата, стипендии за најдобрите ученици – на тој начин можеме да им помогнеме на нашите ученици да развијат јасна визија не само за нивниот иден ангажман и предизвици, туку и за квалификациите кои се потребни за вработување“, додаде Директорот.

Посетите се одржуваат како дел од краткиот Твининг проект финансиран од ЕУ кој ќе функционира до крајот на февруари 2017 година. „Организираме многу настани за образовните институции, социјалните партнери и работодавачите од различни сектори со цел да ги информираме за придобивките од пост-средното образование и да дознаеме за нивните идеи за начините како да се подобри истото“, изјави г-ѓа Почмањска од IBE. „Исто така ќе креираме и веб страна за да ги презентираме добрите практики низ цела Европа, информации за програми за пост-средно образование кои се достапни во Македонија, како и следните чекори“, додаде г-ѓа Почмањска.