Во рамките на работната посета на Канада, министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски имаше средба во Отава со Џорџ Фури, Спикер на Сенатот при Парламентот на Канада.
За време на средбата взаемно беше констатирано дека Македонија и Канада имаат одлична билатерална соработка особено во делот на одбраната. Спикерот на Сенатот, Фури ја изрази безрезервната поддршка која Канада ја дава на Република Македонија за полноправно членство во НАТО. Министерот Јолевски изрази благодарност за можноста која ја користат припадниците на АРМ и МО за обуки и усовршување во Канада.
Министерот Јолевски учествуваше и на Форум на тема „Мигрантската криза и нејзиниот импакт врз земјите од т.н. Западен Балкан, ЕУ и НАТО“, во организација на Амбасадата на Република Македонија во Канада, кој се одржа на престижниот Карлтон Универзитет во Отава. На Форумот учество земаа и македонскиот амбасадорот во Канада, Тони Димовски, г-ѓа Џули Линдхоут, претседател на НАТО Асоцијацијата на Канада и г-ѓа Алисон ЛеКлер, Генерален Директор за Источна Европа и Евроазија при Министерството за надворешни работи на Канада.
За време на излагањето на Форумот, министерот Јолевски истакна дека мигрантската криза е сериозен предизвик за Европа и дека е потребно да се најде сеопфатен пристап и акции за изнаоѓање солуции за нејзино надминување на краток, среден и долг рок. При тоа наведе дека Македонија благодарение на одличната соработка со земјите од регионот, го регулираше протокот на мигрантите и го оневозможуваше илегалното преминување на нашата граница. Тој повика на глобален координиран ангажман во насока на справување со хуманитарните, безбедносните и пошироките геополитички аспекти на бегалската криза. Канадските учесници на Форумот, ја истакнаа позитивната улога на Македонија во однос на бегалската криза и ја истакнаа потребата од доделување поголема финансиска и техничка асистенција на Република Македонија и другите земји во регионот кои непосредно се соочуваат со бегалската криза.
За време на работната посета на Канада , Министерот Јолевски ќе учествува и на најголемиот безбедносен форум на северно-американскиот континент кој се одржува во канадскиот град Халифакс.