Почна кампањата за предвремните избори на 11 декември

На полноќ официјално стартуваше кампањата на партиите и коалициите кои ќе учествуваат на предвремените парламентарни избори на 11 декември. Изборната кампања ќе трае 20 дена и ќе заврши на 9 декември на полноќ.

На изборите ќе учествуваат 11 политички субјекти: шест политички партии и пет коалиции со 58 листи на кандидати.

Изборните активности официјално партиите ги започнуваат вечер и тоа Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе има митинг во Охрид, Коалицијата предводена од СДСМ ќе има собир во Прилеп, ДУИ во Липково, ДПА во Студеничани, Коалицијата за промени и правда – Трет блок ќе има претставување на кандидатите и програмата, Либералната партија ќе ја почне кампањата со средба со граѓани во Скопје,…

Во Избирачкиот список за декемвриските избори се запишани вкупно 1.784.524 лица со право на глас. Во Првата изборна единица во ИС се запишани 297.813 гласачи, во Втората 308.091 гласач, во Третата изборна единица 282.727 гласачи, во Четвртата 285.477 гласачи, во Петата 296.223 гласачи и во Шестата изборна единица 314.193 гласачи. Една од новините на овие избори е што во ИС покрај имињата на гласачите ќе содржи и нивна фотографија.

За гласање во дијаспората ДИК ги прифати пријавите на вкупно 20.629 граѓани. Предвремените парламентарни избори ќе се спроведат во 41 изборно место во седмата изборна единица. Најмногу пријавени има во Берн 4.256, во Венеција, 2.724, во Детроит, 1.170, во Њујорк 1.168, во Мелбурн 1.112 и во Рим 1.078 гласачи. Во Берн ќе бидат отворени три дополнителни избирачки места, додека во Венеција две. Најмалку пријавени има во Мадрид 10, Пекинг 13 и во Варшава 14.

Под реден број еден на избирачкото ливче ќе биде Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, под редниот број два е Демократската партија на Албанците (ДПА), тројка е Демократската унија за интеграција (ДУИ) и редниот број четири го извлече Коалицијата предводена од СДСМ. Под број пет на избирачкото ливче ќе биде Коалицијата „За промени и правда-Трет Блок, шеста ќе биде Партијата за демократски просперитет (ПДП), седма Коалицијата „Алијанса за Албанците“, осма Либералната партија, деветта ВМРО-За Македонија, десетта на избирачкото ливче ќе биде Движење БЕСА и 11-та политичката партија Левица.

Коалициите и партиите под овие редни броеви ќе настапуваат во сите изборни единици.