Македонскиот претседател Ѓорге Иванов во Бугарската академија на науките во Софија, одржа предавање на тема „Миграциите и мигрантите: предизвици за третиот милениум“.
„Патувањето, преселувањето, миграцијата се дел од големиот наратив на човечката историја. Целата планета и човештво се во постојано движење. Миграциите придонесувале кон создавањето на цивилизациите, но и кон рушењето на империите. Римската Империја пропадна поради преселбата на народите. Америка се создаде преку потрагата по среќа. Со луѓето патувале зборовите, идеите, пронајдоците и верувањата. Сите ние сме резултат на нечии миграции. Нема човек чии поблиски или подалечни предци не дошле од некаде. Речиси е извесно дека нема човек чии потомци нема да појдат некаде. Независно дали тоа некаде е друг град, друга држава, друг континент. Сепак, нашите релативно кратки животи не ни дозволуваат да го согледаме и да го искусиме овој феномен во неговата севкупност. Како луѓе, сосема природно, се врзуваме за „овде” и „сега”, честопати занемарувајќи го „таму” и „вчера” или „утре”. Со други зборови, некритички се врзуваме за привремената сегашност, која имаме тенденција да ја прифаќаме како трајна состојба. А сепак, историјата сведочи за една поинаква реалност. Политичките граници се порозни, но природните граници се постојани. Тоа најдобро го сумирал големиот американски стратег Николас Џ. Спајкман кој уште во 1942 година напишал дека: „географијата не подлежи на убедување. Таа е најфундаменталниот фактор во надворешната политика на државите, бидејќи е најтрајна. Министрите доаѓаат и заминуваат, дури и диктаторите умираат, но планинските венци остануваат непроменети”. – рече Иванов.
„Со други зборови, географијата влијае на преселбата на народите, судбината на државите и иднината на светот. Географијата е клучот за разбирање на миграцијата. Но, токму 20 век беше време на бунт против географијата. Ние во Европа и на Балканот како да заборавивме дека најтрајни не се границите на државите, туку границите на природата.
Европската бегалска и мигрантска криза не потсети на оваа важна лекција. Како се појави оваа криза?
Се сеќавате дека во 2011 година започна Арапската пролет. Меѓу горчливите плодови на Арапската пролет беа и пропаднатите држави и разорените општества на Блискиот Исток и во Северна Африка кои заедно чинат огнен појас на нестабилност, конфликти, бегалци и мигранти. Сè до Арапската пролет се вознемирувавме кога низ нашите територии нелегално минуваа по неколку илјади мигранти годишно. Во првите неколку години од конфликтот во Сирија бевме загрижени поради десетици илјади бегалци годишно. Во 2012 година, имало 4.320 мигранти. Во 2013 година ‒ 11.831. Во 2014 година, низ оваа рута минале 44.057 мигранти. Зенитот се достигна во 2015 година. Симболот на кризата стана грчкиот остров Лезбос, каде се истовараа илјадници мигранти кои потоа доаѓаа кон Македонија.
Во октомври 2015 година, само во текот на неколку часа имавме над 14.000 мигранти и бегалци на грчко-македонската граница кај Гевгелија. Населението на Гевгелија преку ноќ се удвои. Многу добро се сеќавам на тие драматични моменти. Тогаш како претседател и како врховен командант ја посетив нашата јужна граница. Состојбата изгледаше очајно. Границата на Европската Унија кон Македонија беше порозна. Не можејќи да го издржи притисокот од илегалната миграција, Грција, земјата членка на НАТО и на ЕУ и на дел од Шенген зоната ги распоредуваше бегалците и мигрантите на граничната линија со Македонија. Бевме во парадоксална ситуација. Македонија се соочуваше со закана што доаѓаше од територија на Европската Унија и НАТО.
Сево ова беше потсетување дека Македонија и Балканот се дел од Источно-медитеранската и балканската мигрантска рута. Според Фронтекс, во таа 2015 година низ Македонија и, воопшто, низ Балканската рута минале над 885.000 регистрирани мигранти и бегалци.
Што придонесе за наглиот пораст на мигранти?
Кон крајот на 2014 и почетокот на 2015 година, илјадници илегални мигранти од Косово масовно со автобуси тргнаа да бараат подобар живот во Европа. Масовното мигрирање на косовските граѓани најверојатно го привлече вниманието и на светските медиуми кои во живо го пренесуваа овој феномен. Вестите стигнаа и до Блискиот Исток и до Африка. Рутата што ја отворија косовските мигранти подоцна ја искористија и бегалците и мигрантите од Сирија.
Соочени со заканата од илегалната миграција, Советот за безбедност на Република Македонија донесе заклучоци за заштита на националната безбедност. На 19 август 2015 година, Владата на Република Македонија донесе одлука за прогласување кризна состојба на јужната и на северната граница. Веќе на 20 август донесовме одлука за ангажирање на Армијата на Република Македонија од делокруг на помош и поддршка на Министерството за внатрешни работи во справувањето со кризната состојба прогласена поради мигрантската криза.
Додека на Брисел му беа потребни шест месеци за да постигне консензус во однос на мигрантската криза, ние решивме да ги земеме работите во свои раце. Тогаш, Република Македонија беше една од ретките суверени држави во Европа, која сама донесе одлука и сама си ја спроведе одлуката.
Во октомври 2015 година, на наше инсистирање и на иницијатива на земјите долж балканската рута се свика проширен состав на Европската комисија со земјите членки на рутата каде што се движат бегалците и мигрантите.8 За првпат на заедничка маса се најдоа сите земји кои се засегнати од мигрантската криза. За првпат почнаа да се носат одлуки за нас, но и со нас.
На 13 ноември 2015 се случи терористичкиот напад во Париз. Веќе на 15 ноември го свикав Советот за безбедност на Република Македонија. За само два дена Армијата успеа да постави 20 км заштитна ограда. Со поставување на оградата ние успеавме да го регулираме протокот на една влезна точка, познатиот камен 59.
Замислете го парадоксот со кој се соочуваме. Македонија која не е членка на Европската Унија ја чува Европа од Европската Унија.10 На 2 март 2016 година, претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск дојде во Македонија. Му го презентиравме нашиот план за регулирање на мигрантскиот бран. А, тоа е регулирање со еден влез и еден излез. Нашиот став беше дека тој т.н. „принцип на цевка” треба да се спроведе на целата балканска рута за да може да се регулира. Брисел се надоврза на нашиот план што подразбираше влез на Идомени кај граничниот камен 59, а излез на австриско-германската граница. Кога се воспостави таа рута, тогаш можеше да се „стави вентил” и да се затвори балканскиот коридор.
Со договорот меѓу Европската Унија и Турција од 18 март 2016 година, оваа рута беше затворена.
Дипломатите и бирократите во Брисел здивнаа. Но, не за долго. Само што се затвори балканската рута, се виде дека организациите и лицата ангажирани во транзитот на илегални мигранти и бегалци се многу креативни и иновативни.
За тоа сведочи летокот што нашите служби го најдоа кај бегалците, напишан на арапски јазик и ја кажува новата, алтернативна рута: Од Грција, преку Бугарија, Романија, Украина и Полска до Германија. Тоа им беше пренесено на бугарскиот премиер и претседател кои беа благодарни што навремено ги предупредивме дека мигрантскиот бран наскоро ќе ја заплисне и Република Бугарија. Македонските и бугарските безбедносни служби дури организираа и заеднички вежби и маневри на македонско-бугарската граница за да се подготват за овој предизвик. Но, мигрантите не мируваа. Многумина се обидоа по воден пат, од Турција, преку Бугарија и Романија, да навлезат во Европа. Границата со Турција ја патролираат 4500 добро опремени лица. Воедно, поради неповолните временски услови и големите морски бранови мигрантите се откажаа од таа рута.
Но, нашата балканска мигрантска рута не е единствената. Ќе се сетите дека пред Лезбос, европските и светските насловни страници беа полни со написи за Лампедуза. Сè до 2015 година, Лампедуза беше трагичниот симбол за централно-медитеранската мигрантска рута.
По Арапската пролет се сруши поредокот на Либија, која престана да биде функционална држава. Мигранти од Рогот на Африка, од Џибути, Еритреја, Етиопија и Сомалија ја користеа територијата на Либија за да дојдат во Италија, каде денес има околу 170.000 бегалци. Во изминативе 20 години Италија веќе примила 4 милиони мигранти. Неколку години ова беше доминантната рута за доаѓање на бегалците во Европа. Со активирањето на оваа рута, за жал, Медитеранот стана познат како гробница на мигранти. Според Извештајот на Меѓународната организација за миграција (IOM) од јуни 2016 година, во периодот од 1 јануари 2014 до 31 мај 2016 година, 9.492 лица ги загубиле животите или се водат за исчезнати. Притоа, 17 од 20 смртни случаи на мигранти се случиле токму на централно-медитеранската рута.
Но, и пред централно-медитеранската беше активна западно-медитеранската мигрантска рута. Преку оваа рута, од 2000 година до сега во Шпанија влегле околу 5 милиони мигранти, претежно од Мароко, Западна Сахара и Алжир.
И покрај нивните разлики, овие три мигрантски рути имаат нешто заедничко. Прво, меѓу нив постои динамичка поврзаност. Штом една рута ќе се затвори, мигрантите и бегалците веднаш ја активираат следната рута.
Второто нешто што е заедничко за овие три рути е изворот на мигрантите. Сите три рути се напојуваат од Африка и Азија. Со други зборови, овие три рути се дел од големите миграциски движења низ Азија и низ Африка насочени кон Европа.
Трето, овие рути се повеќенаменски. Копнените рути на мигрантите се совпаѓаат со природните воздушни рути. Но, рутите на природните миграции не ги користат само мигрантите и природниот свет, туку и криминалните структури.
Имајќи предвид дека за да се стигне од Сирија до Германија мигрантите се подготвени да платат од 5 до 15 илјади долари, може да се замисли големината на тој бизнис. Според Европол, минатата година, заработката од мигрантите е меѓу 3 и 6 милијарди долари. 18 Мигрантските коридори не се само геополитички и геостратегиски, туку дека се и коридори на илегален геопрофит. На почетокот на оваа 2016 година, во рамките на Минхенската безбедносна конференција се сретнав со авганистанскиот претседател Ашраф Гани. Тој истакна дека најголем дел од криминалните структури кои во изминатите децении ги обезбедуваа рутите за шверц на дрога, сега се занимаваат со шверц на мигранти.
Според UNODC, балканската рута на дрогата кон Централна и Западна Европа започнува во јужните и западните провинции на Авганистан. Годишно, 1.000 метрички тони опиум и 140 метрички тони хероин се шверцуваат од Авганистан во Иран. Од нив, 80-85 метрички тони хероин се шверцуваат низ балканската рута кон Западна Европа. Се проценува дека организираните криминални групи што го шверцуваат хероинот до Балканот годишно заработуваат меѓу 600-700 милиони долари.
Како што бројот на бегалци ќе се зголемува, така волјата и подготвеноста на Европската Унија да ги прифаќа и да ги интегрира, ќе се намалува. Истовремено, мигрантската криза придонесе кон дополнително затегнување на односите меѓу државите. Но, цената што ќе ја платиме за несоработката е прескапа. Бидјеќи, колку е послаба соработката меѓу државите, толку е посилна соработката меѓу криминалците. За разлика од политичките елити и безбедносните служби, шверцерите на Балканот немаат никакви етнички, јазични или религиски предрасуди.
Ова е само почеток. Во март 2016 година бев во официјална посета на Египет. Во моментов во Египет има околу 5 милиони економски мигранти. На јужната граница со Судан чекаат уште милиони. Сè на сè, во непосредна близина на надворешните граници на Европа се наоѓаат меѓу 20 и 30 милиони потенцијални мигранти. Затоа, може да се каже дека мигрантската криза допрва почнува.22 Целите наши животи ќе бидеме сведоци на бегалци и мигранти кои ќе се обидуваат да дојдат во Европа. Но, тоа е дел од поголем процес.
Целиот 21 век се одликува со големо раздвижување. Според Обединетите нации, во светот има околу 232 милиони меѓународни мигранти и 740 милиони внатрешни мигранти.23 Над 65 милиони од нив се насилно раселени лица, од кои 21 милион се бегалци, а 10 милиони се апатриди.
Во 2014 година, 54% односно повеќе од половината на човештвото веќе живее во урбани центри. Се очекува дека до 2050 година, дури 66% од светската популација ќе живее во градовите. UN Habitat проценува дека секоја недела околу 3 милиони луѓе се преселуваат во градовите.25 Секојдневно, над 200.000 лица се приклучуваат кон светската урбана популација, што значи дека популацијата на градовите низ светот се зголемува за над 2 лица секоја секунда. Трендот на окрупнување и поврзување на градовите е незапирлив. Сето ова придонесува градовите особено мегалополисите да бидат центри на различност.
Можеме да забележиме една правилност. Со својот стандард, животен стил и можности, урбаните центри во најразвиените земји во светот како магнети привлекуваат најголем дел од мигрантите. Сосема природно, раздвиженоста е секогаш од посиромашните кон побогатите региони. Од селата кон градовите. Од градовите кон мегалополисите.
На пример, најголемиот урбан раст во светот е во Африка, која се урбанизира 11 пати побргу од Европа.26 Слично е и со Азија. Секој ден, 120.000 луѓе мигрираат во југоисточните и во источните градови на Азија. Од 1990 до 2014 година, за само 24 години, повеќе од една милијарда луѓе мигрирале од руралната внатрешност кон урбаните азиски центри на Пацификот.
Но, оваа динамика е позната уште од најраните времиња. Библискиот наратив за човештвото започнува во Еденската градина, но завршува во Новиот Ерусалим. Со други зборови, наративот на човековата историја започнува во руралната, но завршува во урбаната средина. Затоа, наспроти романтичарските соништа за враќање кон природата стои реалноста дека живееме во урбан век.
BAN_predavanje2Од мугрите на историјата, урбанизацијата е правило, додека рурализацијата е исклучок од правилото или како што напиша уште Аристотел, оној што не живее во градот односно населеното место е самодоволен и може да биде или ѕвер или бог.
На почетокот реков дека географијата влијае на миграциите, утврдувајќи ги правците, но не и причините за миграциите. Миграцијата е последица на повеќе меѓусебно поврзани фактори – економски, еколошки, политичко- безбедносни28, но и техничко-технолошки. Овие четири фактори се продлабочени и забрзани поради глобализацијата.
Први се економските фактори кои подразбираат бегство од сиромаштијата кон подобар живот. Јазот меѓу глобалниот Север и глобалниот Југ се продлабочува. Од седум милијарди жители само една милијарда живее удобно. 62 од најбогатите луѓе на планетата се богати колку половина од човештвото. Не е ни чудно што милиони економски мигранти, кои немаат надеж за социјална мобилност во нивните родни држави, сакаат да дојдат во Европа.
Втори се еколошките фактори. Малкумина знаат дека сириската бегалска криза започна како еколошка миграција. Од 2006 година, во Сирија владее суша поради која 1.5 милиони луѓе од руралните и аграрни средини мигрираа во градовите.30 Според IOM, не само што во светот веќе има неколку милиони еколошки мигранти, туку и бројот ќе се зголемува на десетици, па дури и стотици милиони во наредните 50 години.
Трети се безбедносните фактори и насилниот екстремизам и тероризам во пропаднатите држави. Очигледна е разликата на Блискиот Исток и во Северна Африка од 2001 година до денес.
Настаните што се случуваа минатите години создаваат нова карта на Блискиот Исток и во Северна Африка. Либија веќе не постои како единствена држава. Од војната меѓу шиитите и сунитите, Јемен е поделен на четири територии. Состојбата на Блискиот Исток е хаотична. Ирак веќе не може да функционира како држава и е поделен на суниски и шиитски. ИСИС се обидува да освои дел од територијата каде што некогаш бил калифатот. Границите исцртани во пустинскиот песок што ги поделиле етничките, религиските и културните идентитети, сега се бришат и регионот повторно ги враќа своите природни граници.
Политичката карта на Сирија изгледа како леопардова кожа. Се води војната на сите против сите околу контролирањето на гасоводите. Во моментов, територијата на ИСИС се намалува. Тоа значи дека мигрантската рута ја користат оние кои губат на фронт, како и странските терористички борци кои се враќаат од боиштата во Сирија. Само од Балканот има преку 1.000 странски терористички борици кои биле или сè уште се на боиштата во Сирија. 60% од нив се веќе вратени. Ние од Македонија имаме околу 140-тина, од кои 30-тина се веќе убиени таму. Летово 86 беа веќе вратени. 20-тина се затворени со акцијата „Ќелија”. Состојбата е многу покритична во Босна, каде по војната останаа многу странски борци.
Според последниот попис во Сирија во 2004 година имало 17 милиони жители.34 Сега се претпоставува дека се повеќе од 20 милиони, од кои половина се надвор од Сирија. Но, само 6% од 65-те милиони раселени лица се згрижени во Европа. Најголемиот товар од мигрантската и бегалска криза го чувствуваат државите на Блискиот Исток и во Северна Африка. Според УНХЦР, 39% од раселените лица се привремено сместени во државите на Блискиот Исток и во Северна Африка. Во Турција има 2.5 милиони бегалци од Сирија. Во Либан 1.3 милиони (една четвртина од популацијата на земјата). Во Иран се 979.00035, во Јордан 1.4 милиони бегалци.
Четвртиот фактор што ја поттикнува миграцијата е развојот на технологијата. Она што во 19 век беше железницата за Европа, тоа денес е смартфонот за Африка – двигател на општествената и економската, но би додал и демографската трансформација.36 На Блискиот Исток и во Африка се користат околу 123 милиони смартфони.37 Зошто е ова важно? Бидејќи милиони потенцијални мигранти, азиланти имаат пристап кон технологија што може да им овозможи полесно да стигнат до посакуваната дестинација.
Овие, а и многу други секундарни фактори придонесоа кон она што стана познато како европска бегалска и мигрантска криза.
Европската Унија е во континуирана криза. Во седмата година од политичката и економската криза, Европската Унија се соочи и со мигрантската криза. Се повтори неуспехот на институциите за ефективно управување, солидарност и лидерство, односно, активности што треба да се спроведуваат на наднационално ниво.
И додека Европа се соочува со постојани политички, економски и безбедносни кризи, Унијата се најде во стапицата на сопствената бирократија. Наместо situation room во која на дневна основа би се менаџирале заканите, Европската дипломатија и бирократија се состанува во panic room во која се држат бирократски говори и се носат политички декларации. Она што мора да се направи е исклучително непопуларно, поради што е демократски невозможно да се спроведе. Сево ова потврдува дека Европа се соочува со недостаток од лидерство, одговорност и солидарност во самата Унија.
Познатиот аналитичар Клаус Офе дури зборува за криза на кризниот менаџмент на Европската Унија. Сè додека не може да се посочи актерот што може да помогне за излез од кризата, Европа не е само во криза, туку и во стапица. Кризата ги парализира или замолкна токму оние конструктивни актери кои би биле способни на дело да ги спроведат неопходните стратегии и промени со кои може да се надмине кризата и да се спречи нејзино повторно појавување.39 Прашањето што се наметнува е: Kако Европската Унија сака да ги реши кризите без кризен менаџмент?
А кризи има на секој чекор. Се проценува дека шансите Грција да излезе од Еврозоната во наредните 5 години (Grexit) се 60-40%. Истовремено, Brexit е дел од процесот на прегрупирање на силите на границите на Римланд. Зад ова прегрупирање лежи Англо-aмериканската поморска стратегија и Француско- германската континентална стратегија против растот на кинеската економија и руската воена машинерија на границите на Европа. Ова се условите во кои во наредните 5 години ќе се обликува идната европска безбедносна и одбранбена архитектура.
Во однос на мигрантската криза, во наредните 5 години ќе се соочиме со два предизвика. Додека првиот предизвик е да се обезбеди контрола на коридорите преку кои се префрлаат мигрантите, вториот предизвик е да се обезбеди контрола врз слободното движење на мигрантите кои веќе се наоѓаат на Шенген територија. Доколку Брисел продолжи со примена на бирократски мерки, тогаш ќе се зголеми ризикот за опстанок на Шенген зоната.
Во однос на безбедносната криза што е последица на надворешни закани, предвидувањата се дека Европа ќе се подели на 2 зони. Источниот блок и Балканот кој ќе се најде под постојана воена закана од Истокот и закана од илегална миграција низ транзитен коридор. Западна Европа која ќе се најде под постојани терористички закани и закана од илегална миграција кон крајните дестинации. Додека првата зона ќе биде под постојан кризен менаџмент, втората зона ќе биде под постојана вонредна состојба. Воените сили ќе треба да се прегрупираат за да дадат поддршка на цивилните служби во справување со заканите од тероризам, странски борци, заштита на границите и кризниот менаџмент. Разузнавањето ќе треба да даде поддршка на органите за спроведување на законите за да се справи со надворешните закани и со внатрешните опасности.
Третиот предизвик е поларизацијата на европските општества. Националистичките движења ќе јакнат и ќе применуваат насилни методи и средства за заштита на идентитетот и карактерот на националните држави. Повторно ќе се врати суверенитетот на државите за да се заштитат сопствените национални територии.
Четвртиот голем предизвик се политичките кризи. Тие имаат за цел внесување на државите во состојби на тензии. Во вакви тензии ќе се стават во off balance состојба. Тоа подразбира малцински влади, широки коалиции со мандат до 18 месеци и неможност за носење одлуки. Државите ќе бидат во состојба на потчинетост на центри на моќ кои ќе остваруваат свои сопствени интереси.
Петтиот предизвик се последици од пропаднати држави и држави во пропаѓање што се наоѓаат на границите на јужното крило на НАТО. До сега ЕУ и НАТО не можат да обезбедат заштита на државите од невоени закани. Затоа, очекувано е државите билатерално да соработуваат во рамките на своите региони со цел да се справуваат со опасностите.
Како да ја решиме оваа квадратура на кругот?
Факт е дека опстанокот на Европската Унија ќе зависи од кризниот менаџмент на третите земји кои се на коридорите и во оперативното опкружување. Земјите кои со години ги игнорираше, сега ќе станат клучни за нејзната безбедност. Тоа се пред се Египет, Јордан, Турција, Македонија, Србија…
Непосредната соработка за прашања од заеднички интерес ќе придонесе за надминување на недовербата меѓу безбедносните служби. За да даде резузлтати на среден и долг рок, таа соработка мора да прерасне во вистинско партнерство меѓу безбедносните служби на државите во рамката за партнерство.
Но, за да биде успешна, Европската Унија мора да направи две нешта.
Прво, мора да се дебирократизира. Panic room во која се состануваат дипломатите и бирократите треба да се замени со situation room во која ќе се состануваат субјектите на кризниот менаџмент.
Второ, Европската Унија и другите меѓународни организации мора да излезат од бирократскиот лавиринт и да се прилагодат на реалноста на 21 век.
За успешно да одговорат на овие предизвици, носителите на одлуки мора да се потпрат врз науката. Науката е таа што треба да нè запознае со сложената и динамична реалност на 21 век. Од демографската експлозија на Африка и Азија, преку константната миграција кон урбаните центри, па сè до растечката различност на градовите и мегалополисите. Само науката и нејзините институции, како што се универзитетите и академиите може да ги подготви европските институции за 3 милениум.“– истакна Иванов.