Македонскиот народен театар со премиерна изведба на „Прекината одисеја“ во Полска

Одлични импресии предизвика изведбата на копродукциската претстава „Прекината одисеја“ со која Македонскиот народен театар деновиве се наоѓа на турнеја во повеќе градови во Полска. Претставата, во која учествуваат полски и македонски актeри и уметници, својата премиера ја имаше на 18 ноември во театарот „Хелена Моджејевска“ во Легница, Република Полска.

Поради успешната соработка и начинот на која е создадена – копродукција со театарот „Хелена Моджејевска“ во Легница, Република Полска – на 20 ноември се одржа уште една премиера, а претставата ќе се прикаже и на 25 ноември. Таа беше одиграна репризно во Горзов Виелкополски (во рамките на 33. Горзовски театарски собир, на 19 ноември), во Вроцлав (во рамките на фестивалот ECOC, на 21 ноември), а се предвидени изведби во Валбрзич (во рамките на 14. издание на Валбрзички театарски фестивал, на 22 ноември), во Јелениа Гора (во театарот „Норвид“, на 23 ноември), во Катовице (во Шлезискиот театар, на 26 ноември) и во Краков (во театарот „Уажња нова“, на 27 ноември)

„Прекината одисеја“ е претстава подготвена од врвни уметници од Полска и од Македонија, а во неа учествуваат актери од Македонскиот народен театар и од театарот „Хелена Моджејевска“ од Легница, кои патуваат околу Полска и светот раскажувајќи приказна многу блиска до публиката, што го комбинира локалниот дух со универзалниот јазик. По драмата „Лемко“ напишана од Роберт Урбањски (2007) и Моја Босна на Катажина Кничалска (2014), „Прекината одисеја“ е уште една претстава во режија на Јацек Гломб посветена на повоените доселеници во областа Шлезија, реализирана преку креативна соработка меѓу полски и македонски уметници заснована на вистинска, но истовремено и необична приказна.

Проектот е финансиран од Министерството за култура на Република Македонија и од Министерството за култура и национално наследство на Република Полска.

Оваа претстава македонската премиера на сцената на Македонскиот народен театар ја имаше на 17 септември годинава. Со цел да допре до пошироката јавност, претставата беше на турнеја низ Македонија и беше прикажана пред жителите на Куманово, Прилеп, Струмица, Велес, Штип, Охрид и Битола.

mnt_odiseja_2