Царинската управа наградена со медал за резултати во операцијата „Да ја закрпиме озонската дупка II”

Царинската управа на Република Македонија е наградена со медал на честа и Благодарница за резултатите постигнати во меѓународната операција „Да ја закрпиме озонската дупка II“, за придонесот и посветеноста за спречување на нелегална трговија со супстанции што ја осиромашуваат озонската обвивка.

Номинацијата, од името на Царинската управа на Република Македонија беше поднесена од царинската испостава Штип, за случајот на запленети три непријавени ладилни компресори како дел од употребувана ладилна комора со содржина на фреон кој е забранет за тргување.

Наградата и беше доделена на состанокот за соработка помеѓу Царинските управи и Канцелариите за озон на земјите од Европа и Централна Азија, во рамки на Проектот за „Поттикнување на регионална соработка за зголемена контрола на трговијата на супстанции што ја осиромашуваат озонската обвивка“, која се одржа во периодот 09-11 октомври 2012 година во Истанбул, Турција, во организација на Програмата за заштита на животната средина на Обединети нации.

Оваа награда, која се доделува по втор пат, е признание за заложбите за справување со нелегална трговија со супстанци што ја оштетуваат озонската обвивка, иницијатива која е од големо значење за давање признание и препознавање на улогата на царинските служби во спроведувањето на мултилатералните трговски договори за заштита на животната средина како што е Монтреалскиот Договор.

Покрај Царинската управа на Република Македонија награди за успешен придонес и посветеност во спречувањето на нелегалната трговија со супстанции кои ја осиромашуваат озонската обвивка добија и Руската Федерација, Србија, Турција и Узбекистан, Кина, Европската унија, Финска и Киргистан.

На средбата учествуваа претставници на царинските управи и канцелариите за озон на земјите од Европа и Централна Азија.

Царинската управа на Република Македонија и во иднина ќе продолжи со активностите и заложбите за откривање и спречување на нелегална трговија со супстанци кои ја оштетуваат не само озонската обвивка туку и животната средина воопшто.

carina-diploma-turcija-20121