Едно лице го загуби животот во тешката сообраќајна незгода што вчера во 09 часот и 40 минути се случи на магистралниот пат Струга-Ќафасан во близина на селото Мали Влај. Од здобиените повреди, на лице место почина Севдали Ќ.(38) од Струга. Неговата смрт, на местото на настанот била констатирана од медицинска екипа од Општа болница во Струга.
Сообраќајната незгода се случила кај местото викано „Василев дол“ кога сега починатиот, по магистралниот пат во правец од граничниот премин „Ќафасан“ кон Струга управувал патничко моторно возило „Форд Фиеста“со струшки регистарски таблици. Поради неприлагодена брзина према условите и состојбите на патот, сега починатиот изгубил контрола врз возилото, преминал на спротивната страна од патот и излетал надвор од коловозот.
На местото на сообраќајната незгода, по овластување на јавен обвинител, увид извршија полициски екипи од полициската станица за безбедност во патниот сообраќај Струга. По наредба на јавниот обвинител, патничкото возило „Форд Фиеста“ е подигнато за понатамошен технички преглед.