Единствените решенија за распоредување на вработени во МВР што ги имам донесено како министер за внатрешни работи се согласно член 44 став 4 и 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за Владата на Република Македонија кои предвидуваат дека министерот може да изврши најмногу 15 разрешувања или распоредувања на пониско или повисоко место на носител на раководна позиција во Министерството и хоризонтални распоредувања, на вработени кои се на негов предлог во бројката до 10% од бројот на хоризонтални распоредувања базирани на просекот на овие распоредувања во 2013 и 2014 година, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на денешната прес конференција.
„Нагласувам дека сите овие решенија за распоредување на работниците на конкретни работни места во Министерството се донесени пред денот на донесување на Одлуката за распишување на избори за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија. Од друга страна, заради нормалното функционирање на Министерството за внатрешни работи и поради недостаток на работници во одредени организациски единици во МВР, после денот на донесување Одлука за распишување на избори за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија се донесени Наредби со кои определени работници се задолжуваат да извршуваат работи и задачи од конкретни работни места каде се појавува недостаток од полициски кадар, за ограничен временски период од 30 дена. Наредбите не претставуваат Решенија за распоредување и тоа е исклучиво законско право на Министерот за внатрешни работи регулирано со член 153 и 154 од Законот за внатрешни работи. Вакви наредби потпишувам секојдневно на предлог од директорот на БЈБ и за нив нема никаква реакција. Министерството за внатрешни работи е еден од најголемите и најчувствителните државни органи со над 12 000 вработени и можете да замислите што ќе се случи доколку престанам да потпишувам акти со кои ќе се сопре тековното функционирање на органот“- рече министерот Спасовски.
Тој истакна дека го почитува Мислењето на Државната комисија за спречување на корупција бр. 42-6980/2 од 09.09.2016 година и Мислењето бр. 12-4119/25 од 16.11.2016 година доставено до Министерството за внатрешни работи каде јасно е наведено дека од денот на донесување на Одлука за распишување на избори до завршување на изборот на пратеници во Собранието на Република Македонија и изборот на Владата на Република Македонија постои законска пречка да се врши распоредување и унапредување на лица вработени во органите на државната управа, фондовите, агенциите, дирекциите, јавните претпријатија, јавните установи, независни регулаторни тела основани од државата, трговските друштва основани од државата и други институции основани од државата и други државни органи.
„Овие документи од Државната Комисија доследно се почитувани од МВР и по денот на донесување на Одлука за распишување на избори не е донесено ниту едно Решение за распоредување. Во тој контекст , категорично изјавувам дека со потпишувањето на овие акти со кои се обезбедува нормалното тековно функционирање на министерстсвото не сум повредил ниедна од насоките на Државната комисија за спречување на корупција содржани во двата дописа добиени во Министерството, според кои не постои пречка за издавање на наредби заради неопходно извршување на службените работи и задачи во сите државни органи, а со тоа вклучително и во МВР. Навистина е жално што ДКСК со ваквите постапки покажува дека нема капацитет да биде нешто повеќе од партиска инсталација на Владата и функционерите на ВМРО-ДПМНЕ“ – рече министерот Спасовски