Одбележување на Меѓународниот ден на лица со инвалидност

Министерката за труд и социјална политика д-р Фросина Ташевска-Ременски се обрати на одбележувањето на 3 декември, Меѓународниот ден на лица со инвалидност пред присутните на Институтот за дефектологија на Филозофскиот факултет во Скопје.

Осврнувајќи се на правата на лицата со инвалидност, министерката Ташевска-Ременски рече: “Правото на работа е едно од фундаменталните права кое произлегува од универзалната декларација на човековите права. Повеќето луѓе кои живеат во сиромаштија сакаат да работат. Обезбедувањето на пристојна работа на овие лица ќе им овозможи излез од кругот на сиромаштијата–ќе им обезбеди стабилен приход, вклучување во општествените текови и ќе им создаде можност да стекнат пријателства и да обезбедат социјална интеракција. Правото на работа ќе им обезбеди на овие лица да бидат третирани како луѓе, лица со свои права, вредности, потенцијали и способности, а не само како бројка или инструмент на економијата”.

Кога станува збор за вработување на социјално исклучени лица, Република Македонија е потписник на најважните меѓународни документи-Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност на Обединетите нации и Европската социјална повелба.

Во овој контекст министерката за труд и социјална политика потенцираше дека: “Уставот како најбитен документ јасно укажува дека државата се грижи за социјалната сигурност и социјалната заштита на граѓаните, во согласност со начелото на социјалната правичност” кој гарантира дека: “Секому под еднакви услови му е достапно секое работно место и секој вработен има право на соодветна заработувачка” и дополни: “Во законот за работните односи експлицитно се забранува дискриминација во пристапот на вработување заснована врз основа на попреченост, а во оваа насока посебно би го истакнал и Законот за вработување на инвалидни лица кој ги уредува посебните услови и правата за вработување и работење на инвалидните лица”.

На одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со инвалидност, министерката за труд и социјална политика д-р Фросина Ташевска-Ременски говореше и за идните заложби и насоки на делување на Министерството за труд и социјална политика.

Имено, и во иднина, според зборовите на министерката за труд и социјална политика нема да изостанува поддршка на процесот на плурализација и децентрализација на социјалната заштита.

Во продолжение, Ташевска Ременски таксативно ги наброја следниве реформски чекори:

„Зголемување на износите за алтернативните форми на згрижување, што ќе доведе до подигнување на квалитетот на згрижувањето, но и ќе допринесе до успешно спроведување на процесот на деинституционаизацијата на установите во Република Македонија.

Воведување на задолжителна психо-социјална поддршка и рехабилитација на ранливите групи на граѓани, пред влезот на пазарот на трудот;

Промена на законската и подзаконската регулатива за вработување на лицата со инвалидитет, што треба да доведе до поголема искористеност на средствата од посебниот фонд;

Промовирање на социјалната економија, како можност за вработување на лицата кои се тешко вработливи на пазарот на трудот.

Инволвирање на обезбедувачи на социјални услуги кои тоа го прават за профит;• Подобра организација на работата во установите за социјалната заштита и подобрување на системите на лиценцирање и стандардизација во социјалната заштита.

Реформа на структурата на Центрите за социјална работа.”

Сите овие реформски чекори, рече министерката за труд и социјална политика, ќе придонесат до подобра инклузија на лицата со попреченост во општеството и до овозможување на остварување на човековите права за работа, слободно движење и право на слободен избор.

„Системот ќе понуди поголем избор на услуги, прилагодени на потребите на лицата со попреченост, со што и ќе се подигнат потенцијалите за работа, а со тоа и можноста за вработување”, заклучи Ташевска-Ременски.

На одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со инвалидност се обратија и ректорот на Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј”-Скопје проф. д-р Никола Јанкуловски, како и деканот на Филозофски факултет проф. д-р Горан Ајдински.