Новиот филм со силна порака, во кој настапува амбасадорот на добра волја на УНИЦЕФ, Дејвид Бекам, започна да се прикажува за да ја илустрира бруталната реалност за физичката и психичката злоупотреба која може засекогаш да ги обележи децата.
Во новиот едноминутен филм на УНИЦЕФ, сцени од насилство врз децата се појавуваат како анимирани тетоважи на телото на Дејвид Бекам. Додека личните тетоважи на Бекам се белези избрани да претстават среќни или важни спомени, милиони деца носат белези кои не ги избрале: долготрајни лузни од насилство и злоупотреба. Анимациите во филмот ги прикажуваат сите пречести форми на насилство кои момчињата и девојчињата ги трпат на места каде што треба да се безбедни – дома, на училиште, на интернет и во заедницата.
Бекам вели: „Кога започнав со мојата фондација наречена „7“ со УНИЦЕФ, се обврзав да направам сè што можам за светот да стане побезбедно место за децата и да го кренам гласот за работите што имаат разорно влијание врз нивниот живот. Една од тие работи е насилството. Секои пет минути, по едно дете умира од насилство некаде во светот. Уште неколку милиони се во опасност од физичка, емоционална и сексуална злоупотреба што може засекогаш да им го уништи детството.
Минатата година, со УНИЦЕФ ја посетив Камбоџа, каде што сретнав и слушнав деца кои раскажуваа за ужасното насилство што го доживеале. Бев шокиран од она што го чув и видов како насилството може да остави длабоки и трајни лузни. Ниедно дете не треба да го трпи тоа. Сепак, во сите делови од светот, дома, на училиште и на улица, децата трпат слично насилство. Се надевам дека овој нов проект ќе привлече внимание врз овој итен проблем и ќе инспирира акција. Насилството врз децата е погрешно и заедно треба да му ставиме крај.“
Со помош на У-извештајот, алатка за пораки што им овозможува на младите да известуваат за прашања што го засегаат нивниот живот, Дејвид Бекам ги покани младите да одговорат на прашања за насилството врз децата.
Одговорија повеќе од 190.000 „У-репортери“ од 22 земји. Две третини од нив изјавија дека лично доживеале физичко или вербално насилство, или дека познаваат некого што доживеал. На прашањето кој сметаат дека најчесто врши насилство, една третина одговорија дека тоа е полицијата или органите за спроведување на законот, 29 отсто рекоа дека тоа се нивните врсници, 28 отсто се изјаснија дека тоа е родителот или старателот, а 9 отсто ги посочија наставниците.
Околу 80.000 У-репортери дадоа предлози за она што може да се направи за решавање на насилството во нивните заедници. 24-годишниот У-репортер од Филипините рече: „Ќе го кренам гласот за да ме чујат и да ги предупредам сите луѓе околу мене за она што се случува, и ќе побарам некој да помогне за да се стави крај, ако не можам сам да го направам тоа.“
Трагичните последици од насилството ги засегаат сите аспекти од животот на детето и може да се пренесуваат од генерација на генерација. Насилството врз децата носи сериозни трошоци за сите општества во секој регион на светот.
„Насилството и злоупотребата земаат ужасен данок на животот и иднината на децата – повредувајќи го нивното тело, поткопувајќи ја нивната емоционална благосостојба, па дури и попречувајќи го здравиот развој на нивниот мозок“, изјави извршниот директор на УНИЦЕФ, Ентони Лејк. „Кога ги штитиме децата од насилство, спречуваме лични трагедии – и промовираме посилни, постабилни општества. Благодарение на моќните заговорници како Дејвид Бекам, и поткрепени со гласот на самите деца и млади, ние градиме импулс за ставање крај на насилството врз децата насекаде.“
Насилството не е неизбежно. УНИЦЕФ укажува на седум докажани стратегии кои може да помогнат за искоренување на насилството врз децата. Тие се: јакнење на ставовите со кои се поддржува ненасилство; спроведување на законите; создавање безбедна средина за децата; поддршка на родителите и старателите; зголемување на семејните приходи за намалување на сиромаштијата; зајакнување на социјалните услуги и опремување на децата со животни вештини.
Дејвид Бекам и УНИЦЕФ ги повикуваат луѓето да го споделат новиот филм на социјалните медиуми.
По 10 години како амбасадор на добрата волја на УНИЦЕФ, Дејвид Бекам го започна 7: Дејвид Бекам-Фонд на УНИЦЕФ во февруари 2015 година, заложувајќи се за помагање на најзагрозените деца во светот. Подоцна истата година, Бекам ја посети Камбоџа, каде сретна деца кои претрпеле насилство и злоупотреба. Трогнат од приказните што ги слушна, Бекам потоа беше во Обединетите нации и ги повика светските лидери да ги стават децата, особено најобесправените, во центарот на новите Цели за одржлив развој.