Откриени измами и запленети девизи, облека, играчки, компјутери и домашна ракија

Во текот на минатата недела, царинските службеници открија повеќе обиди за криумчарење разна стока, при што привремено се задржани готови пари, режан тутун, делови за товарни возила и возови, делови за машини, домофони, лед светилки и регистарски таблички.
Задржана е следната стока:

Девизи

-4.000 евра, откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, при личен претрес на македонски државјанин, кој имал намера да отпатува со лет за Меминген. Кај патникот биле пронајдени 6.000 евра, од кои 2.000 евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата, му биле вратени на патникот, а за сторениот прекршок ќе биде поведена прекршочна постапка.

Облека, обувки, ранци и играчки

– 80 парчиња облека (блузи, јакни, панталони и комплети тренерки), откриени при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавените производи, пронајдени во неколку црни кеси и патен куфер сместени во багажникот и позади предните седишта, се привремено задржани а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка.

– 36 играчки (коли, бубамари и кукли), 24 пара патики и 11 школски ранци, откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, при контрола на патните торби на албански државјанин, кој пристигнал со лет од Малме. Непријавените производи се привремено задржани а против патникот ќе биде поведена прекршочна постапка.

Преносни компјутери

– 4 преносни компјутери марка Lenovo, откриенина скопскиот аеродром Александар Велики, при контрола на патните торби на британски државјанин, кој допатувал со лет од Лондон. Непријавените компјутери се привремено задржани, а против патникот ќе биде поднесена кривична пријава.

Алкохолни пијалоци

– 15 литри домашна жолта ракија, откриени во два одвоени случаи, при контрола на два угостителски објекти во Скопје, извршени од царински тимови од царинарница Скопје. Во првиот случај биле пронајдени 12 литри домашна ракија, а во вториот случај 3 литри домашна ракија со сомнителен квалитет и без акцизни маркички. Против правните лица Царинската управа ќе преземе соодветни законски мерки.

Царински измами

Во Царинска испостава Гевгелија се откриени два обиди за избегнување на плаќање увозни давачки, со погрешно декларирање на потекло на стока.

Во првиот случај фирма од Скопје во 2015 година пријавила за увозно царинење стока со трговско име халогени сијалици со пригушници и метални елементи за столб за улично осветлување, при што приложилауверение за движење ЕУР1, како доказ за преференцијално потекло на стоката, со цел царинење со царинска стапка од 0%, но при контрола на стоката наамбалажата била забележана ознака “made in china”.
Во вториот случај физичко лице од Струмица во 2015 година пријавило за увозно царинење гранитни плочки, при што приложилоуверение за движење ЕУР1, како доказ за преференцијално потекло на стоката, со цел царинење со царинска стапка од 0%.

Во двата случаи, поради сомневање во правилното декларирање на потеклото на стоката доказите за потекло биле испратени на дополнителна проверка кајЦаринската служба на Република Грција, од каде биле добиени одоговори дека уверенијата за движење ЕУР.1 биле автентични, но производите на кои се однесуват не можеле да се сметаат за производи со преференцијално потекло. Согласно ова, биле пресметани дополнителни увозни давачки, во првиот случај во износ од 144 илјади денари, а во вториот случај во износ од 35 илјади денари и биле спроведени прекршочни постапки со мандатни казни против увозниците.